Учебниците за седмо одделение, како и прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев се темите за кои разговараат историчарите денеска на 13. состанок на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања помеѓу  Македонија и Бугарија, кој се одржува онлајн.

Комисијата претходно се состана кон крајот на февруари, а тогаш Министерство за надворешни работи соопшти дека на 12-та средба не бил постигнат напредок во однос на дискусијата за учебниците по историја, ниту согласност за прашањата поврзани со Средниот век.

МНР по средбата излезе со соопштение во кое наведе дека на предвидениот дневен ред биле прашања поврзани со содржината на Записникот од 10. средба, изготвувањето препораки за учебниците по историја со цел надминување на споровите кои произлегуваат од различните и силно исполитизирани толкувања на минатото и усогласување на текст препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев. Меѓутоа Комисијата тогаш не го отворила прашањето за Гоце Делчев и негово евентуално заедничко чествување.