Компанијата за маркетинг и истражување на јавното мислење (ИПСОС) ги соопшти резултатите од последната анкета, пред неделните парламентарни избори, во која испитниците одговараат за која партијата ќе гласаат, во кој политичар имаат најголема доверба и која партија колку пратенички мандати ќе добие во главниот град,Тирана.

Резултатите од анкетата покажуваат дека владеачката Социјалистичка партија е прва политичка сила на национално ниво со 48,1 отсто доверба кај гласачите, коалицијата Демократска партија – Алијанса за промени, е на второ место со 43,6 отсто, додека разочарувачки е резултатот за третата по големина партија во земјата, Движењето за социјалистичка интеграција (ЛСИ), за која би гласале само 3,6 отсто од испитаниците.

-Лидерот на социјалистите, Еди Рама, кој владее со земјата во изминатите осум години и натаму има најголема доверба кај граѓаните. Од 2.000 испитаници, 30 отсто сметаат дека тој е најдоверливата политичка фигура во Албанија. По него следува лидерот на демократите, Љузљим Баша, со 22 отсто, додека претседателката на ЛСИ, Моника Круемади има популарност од само еден отсто од испитанците, пренесе ИПСОС.

Тоа што посебно се забележува е дека од февруари до април, Рама и Баша стекнале поголема доверба кај албанските граѓани.

Во поранешниот претседател на државата и експремиер, демократот Сали Бериша и екс премиерот и министер за дијаспора, социјалистот Пандели Мајко доверба имаат два отсто од испитаниците.

Анкетата покажува дека 54 отсто од испитаниците сметаат дека Албанија оди во вистинската насока, што е зголемување за четири отсто споредено со анкетата спроведена во март.

Во изборната единица Тирана, според анкетираните социјалистите ќе освојат 19 пратенички мандати или еден повеќе од изборите во 2017 година, демократите 17 што е шест мандати повеќе, додека ЛСИ ниту еден мандат наспроти пет мантати на изборите пред четри години.