Владата на иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата разрешила еден, а на друг директор не му го продолжила мандатот во 2020. Ова се нотира во новиот годишен извештај на Антикорупциска за работењето на изминатата година.

Во јули било побарано да се разреши в.д. директор поради кршење на одредбите од склучените договори за финансирање на филмски проекти избрани на конкурс со филмски продуценти. Од Владата стигнал одговор дека нема да му биде продолжен мандатот и ќе биде избран друг раководител.

Владата на седница во октомври на барање на ДКСК побарала разрешување директор  на јавното претпријатие за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење. На оваа седница инаку беше препорачано разрешување на директорот на ЈП за стопанисување со спортските објекти.

На барање на комисијата, Владата разрешила членови на Надзорен одбор на акционерско друштво, затоа што избрале генерален директор кој имал само три, наместо пет години потребно работно искуство од стекнување на образованието.  Годинава на седница во февруари бил разрешен и член на Управен одбор затоа што, според наод на ДКСК, учествувал во расправа и гласал за склучување на договор за адвокатски услуги со канцеларија на негов син.

Било побарано утврдување на одговорност на седум членови на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување затоа што овозможиле преземање на незаконски дејствија и донесување на незаконски одлуки од страна на директорот во период од еден месец и десет дена кога неговиот мандат бил истечен, но одговор за ова од Владата не е добиен.

Антикорупциска побарала преиспитување на целокупната постапка за избор на претседател и комисионери (членови) на Комисијата за хартии од вредност поради одговорност во постапка поради наводни неправилности во изборот на извесен член на КХВ, но исто така и за ова не е добиен фидбек од Владата.

ДКСК побарала од Владата да разреши и надворешен соработник-посебен советник во канцеларијата на премиерот поради судир на интереси и кршење на етичкиот кодекс на однесување, но комисијата добила негативен одговор, односно дека лицето постапило совесно.