Најголемиот синдикат во земјава, ССМ, со остра реакција за владиниот предлог за недела неработен ден, кој, како што нагласуват, за нив не е прифатлив.

„На вчерашната седница на Економско социјалниот совет, ССМ го искажа своето незадоволство од тоа што после период од шест месеци на преговарање и договарање на деталите за начинот и постапката за остварување на ова право на работниците, Министерството за труд и социјална политика и министерката, која е воедно и претседателка на ЕСС, Јагода Шахпаска го промени концептот и предлага ова право покрај во Законот за работните односи, да се уреди и со Законот за трговија.

ССМ е на став дека ова право за сите работници треба да се уреди со Законот за работните односи како основен и фундаментален Закон од трудово правната област, а не истото право на различни начини да се уредува со посебните закони со што ќе се доведе до нееднаквост на правата на работниците и ќе предизвика правна несигурност“, се вели во реакцијата од синдикатот.

Сметаат, како што велат, дека треба да се уреди зголемување на додатокот на плата за работа во недела за најмалку 100 отсто за секој час поминат на работа на плата за сите работници од дејностите во кои не може да се прекине работниот процес, исто како што е утврдено во предлог измените на Законот за трговија од страна на МТСП и Министерството за економија, за одредена категорија на работници како исклучоци кои можат да работат во недела, но притоа се залагаат сите работници да добијат ден за неделен одмор во денот пред односно во денот по недела во која би работеле.

„ССМ предложи дека е потребно задолжително да се пријават работниците со име и презиме, а кои ќе бидат ангажирани да работат во недела, во ДИТ и Пазарна инспекција од оние кои се во исклучоците од дејностите за работа во недела.

ССМ искажува загриженост за проширување на дејностите вклучително и дозволување на работа на трговските центри (моловите) кои ќе бидат во исклучоците кои ќе можат да работат во недела.

ССМ смета дека помошните и придружни дејности односно работни места кои се предвидува да работат во недела не се прецизирани и не се дефинирани во законот  и оваа формулација не е јасна и општа, не е утврдено за колку и колкав број на работници се однесува, па истата може да биде извор на манипулации и злоупотреби, а со таквата нејасна формулација наместо, со законските измени да се уреди правото недела дека е неработен ден, всушност недела ќе стане работен ден за најголем број работници“, потенцираат од ССМ.

Исто така, ССМ бара во делот кој се однесува на забрана на вршење на работа на работодавачот изречена од инспектор на труд при инспекциски надзор кој не е во исклучоци, а работел во недела, да се забрани работата на тој работодавач во целост, а не само во објектот каде е утврдена неправилноста, а се со цел да се обесхрабрат работодавачите да го прекршуваат законот.

„ССМ не се согласува, законските измени со кои ќе се уреди недела за неработен ден да се одложат со почеток од јануари 2022 година како што предлага Министерството за труд и социјална политика, ССМ укажува дека договорот кој е направен на последната седница на ЕСС во февруари 2021 година,  на која се разговараше законското решение за недела неработен ден мора да се почитува, а не да се менува по желба и на штета на работниците“, се вели во соопштението од ССМ.