Денеска сме во посета на Ресен, еден крај од Македонија којшто е преубав, со многу природни убавини, за жал со многу дадени ветувања, а никаква реализација на истите, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Гледаме еколошка катастрофа со езерото коешто е позади нас, многу ветувања дадени, многу грижа од страна на експерти, од локална заедница, но никакво решение на проблемите. Ветен е нов граничен премин „Маркова нога“, но исто така нема ни збор за отворање на тој граничен премин којшто ќе значи многу за економијата и за севкупниот развој на целиот овој регион. Продолжуваат проблемите со откупот на јаболкото, постојано исто така Владата дава голем број на ветувања, но никакви конкретни решенија за проблемите на граѓаните. Затоа сме дојдени тука за да разговараме со граѓаните на овој крај за да видиме кои се предизвиците со кои се соочуваат, но и да видиме кои се решенијата коишто ќе треба да се понудат не само од централната власт, доаѓаат локални избори. Очигледно ова е уште една општина на која и е потребен нов градоначалник, којшто ќе се грижи за своите граѓани којшто ќе се грижи за овој преубав крај во Република Македонија и токму во таа насока ние продолжуваме со интензивна агенда да слушнеме од граѓаните што е тоа што треба да се направи, вели Муцунски.

Тој додава дека доста е од лажни ветувања, доста е од проекти на хартија и на зборови, време е за конкретни решенија за огромниот број проблеми со кои се соочува не само оваа општина туку и целата држава.