Во Македонија има граѓани кои немаат државјанство иако исполнуваат еден или повеќе критериуми за тоа. Според владината статистика, УНХЦР и невладините организации, на крајот на август лани имало 563 лица без државјанство, а опозициските партии на Албанците тврдат дека на 7.000 Албанци во државата неоправдано им е ускратено македонското државјанство, пишува во извештајот на Стејт департментот за состојбата со човековите права.
Според извештајот, во земјата нема механизам за откривање на оние без државјанство и за нивна заштита.
Во однос судството, во извештајот се вели дека обвинителите често ги пробиваат законските рокови за завршување на истрагите, но без никакви последици. Притоа се потсетува дека истрагите треба да се завршат за 6 месеци, а роковите може да се продолжат до 12 и 18 месеци за покомплексните случаи на организиран криминал со дозвола на претпоставениот, но во пракса, обвинителите често ги пробиваат роковите.
Исто така, се споменува и судската непримерност, прекумерниот притисок врз судиите, одложената правда и несоодветното финансирање на правосудството и обвинителството, кои и натаму ги попречуваат работата и ефикасноста на судовите и дека тоа влијае врз јавната доверба во правосудството. Сепак, се забележува дека владата демонстрира поголема почит за независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години.
Во извештајот на Стејт департментот уште се забележува дека нема случаи на политички затвореници, но и дека притворот трае подолго време.
Comments are closed for this post.