Властите во Бугарија и натаму не дозволуваат регистрација на групите активисти на етнички Македонци, пишува во последниот извештај на американскиот Стејт департмент за состојбата со човековите права во светот. Оценката на Стејт департментот е дека бугарските власти преземаат чекори за гонење и казнување официјални лица кои ги прекршиле човековите права, но владините активности не се доволни и неказнивоста е проблем.
„Властите во Бугарија и натаму не дозволуваат регистрација на групите активисти на етнички Македонци, како што се ОМО-Илинден, Друштво на угнетени Македонци, Жртви на комунистичкиот терор и Македонскиот Клуб за толеранција во Бугарија и покрај судската пресуда во мај лани и повеќе од 10 пресуди од Европскиот суд за човекови права донесени претходно, според кои се прекршени правата на групите за здружување“, се наведува во извештајот на Стејт департментот во делот Слобода на здружување.
Притоа се потсетува дека на 1 октомври Комитетот за спречување тортура на Советот на Европа во преодна резолуција изрази „длабока загриженост“ поради „законските барања“ кои властите континуирано ги применуваат за да одбијат регистрација на ОМО-Илинден и слични здруженија уште од 2006 година.
Во однос на регистрирањето на здруженија на Македонци, исто така се наведува дека во ноември 2009 година јавниот обвинител дејствуваше по жалбата на лидерот на ВМРО и министер за одбрана Красимир Каракачанов за обидите на две здруженија-Граѓанско здружение за заштита на фундаменталните индивидуални човекови права и Антички Македонци да формираат македонско малцинство.
„Обвинителот побара од судот да ги распушти здруженијата, обвинувајќи за политичка агенда којашто е закана за единството и безбедноста на нацијата“, потсетува Стејт департментот.
Во извештајот за Бугарија уште се нагласува дека сериозни проблеми се случаите на „полициско насилство, произволно апсење, сериозни проблеми со независноста на судството, сериозни ограничувања на слободното изразување, вклучително и цензура во медиумите, насилство и закани за насилство врз новинари, корпоративен и политички притисок врз медиумите“ и други.
Comments are closed for this post.