Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, испратија писмо до претседателот на Собранието, Талат Џафери, и до целиот пратенички состав, во кое укажуваат на важноста на законодавниот дом во процесите поврзани со борбата против корупцијата и криминалот.
Во писмото, како што соопшти владината прес-служба, се посочува на потребата од единство во носењето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, заедно со Акцискиот план за нејзино функционирање, како и за потребните законски измени поврзани за навремена реализација на дел од мерките од оперативниот План за борба против корупција.
Тргнуваме од потребата да се елиминираат пречките и да го унапредиме системот, односно да обезбедиме институциите секогаш да стојат во првите борбени редови против корупцијата. Институциите да обезбедат укажување, спречување, препознавање и санкционирање секаков вид корупција во сите редови на власта без исклучок. Со ова писмо ви се обраќаме вам, почитувани пратеници, како клучна алка за донесувањето на потребната законска рамка и регулатива и како одговорни за контролата и надзорот врз институциите на извршната власт и на независните тела, со апел и молба да ги приоретизирате овие процеси и да дадете дополнителен импулс кој ќе го помогне системското справување со корупцијата, стои во писмото од премиерот Заев и вицепремиерот Николовски.
Воедно, во писмото, тие изразуваат благодарност до сите пратеници, за досегашните напори, со апел за уште посилен интензитет за поддршка и учество во реформскиот процес за европеизација, напредок, развој и имплементација на европското законодавство, за владеење на правото и за бескомпромисна борба против корупцијата.
Поддршката на законските измени кои произлегуваат од Планот за борба против корупција, но и на Националната стратегија, со консензус, ќе прати јасна и недвосмислена порака кон граѓаните чија доверба ја имаме токму за ваквата борба за подобар живот. Таков консензуален чекор ќе биде чуен и виден од граѓаните како државнички и одговорен. Но, ќе ја покаже и спремноста на сите видови власти да застанат на иста страна со граѓаните, се посочува во писмото.
Владата на 02.03.2021 година, на 50-тата седница, го усвои оперативниот документ „План за борба против корупцијата”, како дел од приоритетите од „Акција 21 – Европски стандарди дома“. Овој оперативен документ има за цел преку системски мерки да придонесе во спречувањето и искоренувањето на корупцијата. Неговата имплементација во голема мера зависи од одредени законски измени коишто се потребни за спроведување на Планот, а во исто време и во дел од усвојувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, за што е потребна вклученоста на Собранието, се вели во соопштението.
Comments are closed for this post.