Додека министерот за здравство, Венко Филипче убедува дека се е под контрола, дека на опозицијата само ѝ пречи тоа што добро се менаџира со пандемијата и дека има доволно празни кревети во болниците, неговиот заменик Илир Хасани на Фејсбук пишува дека ситуацијата е алармантна, болниците преполни а слободен кревет тешко се наоѓаа и во приватните болници.
И додека болниците се преполни со пациенти поради компликации од Ковид19, па скоро и во приватните болници тешко се наоѓа слободен болнички кревет, сепак забавата не застанува во кафичи и кафеани. Ова невнимание скапо ке не кошта. Внимание, внимание, внимание додека не е многу доцна, напиша заманик министерот за здравство Илир Хасани.
Од тоа што го напиша Хасани на некој начин може да се сфати и дека потребни се и нови мерки, но властите сметаат дека нема потреба од такво нешто и покрај порастот на бројките па ќе треба да се остане само на полицискиот час кој не се очекува да даде некаков ефект бидејќи во тоа време улиците се и така празни бидејќи нема никаква економска активност.
Но, министерот Филипче и на денешната прес-конференција повтори дека ситуацијата со зголемениот број на заболени добро се менаџира, па во координација со директорите на болниците се обезбедило сосема доволен број на болнички кревети за да се сместат сите пациенти кои имаат потреба од хоспитализација.
Правевме систем на менаџирање, систем на координација со сите директори, прво на јавните установи, болниците тука во Скопје, а понатаму и со директорите од останатите болници во државата а во насока на прилагодување на капацитетите и отворање на нови одделенија со дополнителен број на болнички места. Во таа смисла, сите интерни клиники онака како што беа претходно сега се КОВИД центри. Тука има еден одреден број на слободни кревети, нешто помал од она што беше во текот на кризата во месец ноември и затоа во функција е и едно одделение на хируршките клиники, што за време на претходниот бран во ниту еден момент не се активираше. Меѓутоа со таа координација и со дополнителните одделенија во болницата 8-ми септември и во овој момент има сосема доволен број на болнички кревети за да се сместат пациенти како од Скопје и околината, така и оние кои се испраќаат од другите болници во државата, рече Филипче.
На тоа што граѓаните реагираат дека ситуацијата во болниците не е таква каква што се прикажува туку е застрашувачка, Филипче повторно си остана на ставот дека ситуацијата е под контрола и дека не е точно дека во болниците не се примаат пациенти.
Апсолутно не е точно дека пациенти не се примаат, тоа не е вистина. Можно е да има чекање, можно е да се префрлаат или да се пренасочат од едно место на друго, но не е точно дека некој пациент не е примен, порача Филипче.
Comments are closed for this post.