Националната опера и балет ви го најавува балетскиот концерт насловен „Романтична балетска вечер“ (петок) со почеток во 19 часот. Балетскиот концерт опфаќа две балетски дела во кореографија на Аугуст Бурнонвил (Данска) инспирирани од Франција и Шпанија.
Изведбата е поставена и режирана од Ева Клоберг и Франк Андерсен (Данска), кореографијата е на Аугуст Бурнонвил (Данска), на музика од Х. С. Паули, Х. К. Лумбие, В. К. Холм, Е. Хелстед, сценографијата е на Зоран Николовски, костимите ги изработи Марија Пупучевска, а асистент на продуцентите е Саша Евтимова.
Настапуваат првенци, солисти и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Аугуст Бурнонвил е Данец кој живеел помеѓу 1805 и 1877 година и создал повеќе од 50 балетски дела. Тој бил визионер, кој најголем дел од своето образование го стекнал во Франција. Бурнонвил се смета за „татко“ на Кралскиот дански балет чиј што уметнички директор бил повеќе од 40 години. Како резултат на своето школување во Франција, тој создал сопствен балетски речник, стил и техника. Меѓу неговите најпознати балети се „Наполи“ од 1842 година и „Силфида“ од 1836 година.
На 19.3.2021 ќе бидат претставени две помали класични балетски дела на Бурнонвил инспирирани од неговата страст за патувања и посета на други земји: „Конзерваториумот“ од 1849 година, што претставува омаж на неговата младост и едукативен престој во Франција и „La Ventana (Прозорецот)“ кој ја отсликува неговата страст за Шпанија.
Наша огромна желба е вие, нашата драга публика, да уживате во изведбата и да се запознаете со една друга страна на балетот, каде „Joie de vivre“, односно „Радоста на животот“ е најважното нешто.
Настанот ќе се одржи според протоколите предвидени со моменталната состојба предизвикана од пандемијата Ковид-19 за одржување настани, одобрени од Комисијата за заразни болести.
Задолжително е носење на заштитна маска.
Ве молиме, почитувајте ги мерките за заштита.
Билетите се во строго ограничен број, подвлекуваат организаторите.
Comments are closed for this post.