Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски смета дека од македонската историја се бришеле сите видни личности кои на некаков начин имале комуникација со Бугарија.

Освен за рехабилитираниот Методија Андонов -Ченто или за Панко Брашнаров, Павел Шатев и Венко Марковски, според Георгиевски, македонската јавност никогаш нема чуено за огромен број значајни личности, кои биле заслужни за ослободувањето на Македонија.

Погледнете ги списоците на учесници на заседанијата на АСНОМ. Половина од нив завршиле во затвори, некои и биле убиени. Исто така, ќе видите дека најмалку една десетина од тогаш видните политичари, припадници на КПМ, во периодот од 1945-1948 пребегале во Бугарија, со едно единствено образложение, во Македонија почнува србизирање на македонскиот народ. Тие лица, не постојат во македонската историја. Еве, на пример, дали сте чуле за Борис Спиров? Тој човек бил прв секретар на Президиумот на АСНОМ, а потоа и прв претседател на Уставотворното Собрание на Народна Република Македонија. Тој бега во Бугарија и умира во Плевен. Еве уште една личност чие име е потполно непознато за јавноста. Миле Атанасов. Тој бил првиот комунист во Македонија и секретар на партијата и пред Колишевски и пред Андреев и пред Шаторов. Во војната е политички комесар на бригадата „Гоце Делчев“. Во 1948 е затворен бидејќи не ги прифаќал ставовите на Колишевски за Методија Шаторов Шарло. Ете и за него историјата има ембарго. Од истата славна бригада „Гоце Делчев“, најголемата воена формација во Македонија, дури пет команданти, вклучително и главниот командант Петар Трајковски, сите си заминуваат за Бугарија. Значи, ние имаме некаква приказна со Бугарија која цело време ја ставаме поод тепих, ги криеме личностите од историјата а сите што имале некаква соработка, ги правиме предавници. А, што е најинтересно, тоа се луѓе кои се изјаснувале за Македонци, не се изјаснувале за Бугари. Ете, зарем е проблем за ова да се дискутира, ама само штом се спомене Бугарија, се палат некои чипови и ние не може рационално да размислуваме по тоа прашање – вели Георгиевски во интервјуто за емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Во однос на планот за решавање на спорот со Бугарија што го предложи, Георгиевски вели дека во однос на јазикот, треба да биде прифатен фактот дека во османлискиот период, официјално писмо, а според тоа и јазик бил бугарскиот.

Тоа не може да го пренебрегнеме како факт. Тогаш се користело тоа писмо. Еве, сега на пример, мене да ми кажете, јас веднаш би можел да пишувам на српски јазик, ме разбирате. Значи во сите македонски организации, без оглед дали биле револуционерни или нереволуционерни, граѓански и црковни, официјално се користело тоа писмо и јазик. Тоа не значи дека тие не биле Македонци, туку тоа било официјалното писмо, и како што ние во СФРЈ го владеевме српскиот, така тогаш тие го владееле бугарскиот јазик. Тоа, според мене би било вовед, замена на нивната теза. Значи, поената ми е, дека ние може да кажеме дека до кодификацијата на македонскиот јазик, нашата интелегенција, македонските револуционерни организации официјално го користеле тој јазик. Отворете кој било документ од ВМРО од тоа време, дали Статут, команда, наредба или правилници, ќе видите дека сите тие се напишани на тој јазик. Сите писма на Гоце Делчев, дури и приватните, тоа го има објавено и МАНУ се на истиот јазик ама за тоа не пишува во македонските учебници. Се затскрива. Јас со тоа не имплицирам етничка определба, бидејќи говорењето или пишувањето на некој јазик не значи дека некој има такво потекло – потенцира Георгиевски.

Прашан како ќе се определи на престојниот попис, претседателот на ВМРО-Народна партија подвлекува дека тој не е ништо друго освен Македонец.

Јас тоа секаде сум го кажувал, дури и во Бугарија а последен пат токму на нивното радио Фокус, пред три дена ми го поставија истото прашање. И ним и на сите им велам, јас освен Македонец, не можам никако да се определам – вели тој.