ратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска во Собранието го поднесе законот за престанување на важењето на законот за попис со што бараат да се прекине статистичката операција.

– Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поттикнати од огромната поддршка од граѓаните, но и од нашата борба против ваков фингиран попис. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој Предлог закон – рече Иванка Василевска, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа посочи оти на ова самоволие мора да му застанеме на патот и да не дозволиме криминален и насилнички попис.

Оваа лакрдија што ни се случува во врска со пописот, ја најавувавме и предвидовме уште од самиот почеток. Но самобендисаната власт на чело со Зоран Заев, воопшто не сакаше да разговара и дебатира на оваа тема. Од редовна и статистичка операција, неспособноста на Зоран Заев и владата овој попис го претвори во политичка операција и пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ уште од самиот старт укажуваше на многубројните недостатоци и аномалии на Законот за попис и од тие причини поднесовме околу триесетина суштински амандмани кои имаа за цел да го подобрат текстот на законот, но власта предводена од Зоран Заев не прифати ниту еден амандман. Секојдневно и на секој начин укажувавме дека овој попис, предвиден и договорен како што замислува СДСМ и Заев, нема да биде релевантен и нема да даде точни и релевантни податоци, туку само дополнително ќе ги доведе Република Македонија и нејзините граѓани во заблуда, посочи таа.

-Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и се’уште се, и тоа:
–  злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата,
–  недостиг на консензус од сите политички партии,
–  проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот,
–  нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората, и
–  погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради КОВИД кризата го одложија пописот за една година.
Но и покрај овие издржани аргументи, власта и Зоран Заев никако не отстапуваат од политичкиот договор и намерата по секоја цена да се одржи пописот, вели Василевска.

Таа укажа дека легитимната борба против одржување на ваков сомнителен и фингиран попис, ја препознаа и огромен број на граѓани.

 

За само неколку дена над 100 илјади граѓани, со име и презиме, јасно и гласно го кажаа своето мислење и недоверба и рекоа големо „НЕ“ за ваков попис. Токму затоа, нашата заедничка борба против овој политички попис, не застанува тука. Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, поттикнати од огромната поддршка од граѓаните, но и од нашата борба против ваков фингиран попис, го поднесовме овој предлог на закон за престанување на важењето на законот за попис и бараме закажување на итна и неодложна седница на Собранието на Република Македонија на која што ќе се изгласа овој Предлог на закон и ќе се стопира овој политички попис и оваа национална катастрофа во најава. За таа цел, Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ апелира до сите пратеници, без разлика на која политичка партија и коалиција припаѓаат и без разлика на етничка и национална припадност, да го поддржат овој Предлог закон. На крајот, сакаме да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се против попис на населението, бидејќи таква статистичка операција е многу важна и неопходна за Република Македонија, но сакаме да упатиме силна порака дека ние сме и ќе бидеме против фингиран и наместен попис со кој власта ќе фингира бројки кои се резултат на партиско – коалициски пазарења и договори на штета на сите граѓани на Република Македонија, додаде Василевска.