Германската канцеларка, Ангела Меркел, решила да не се кандидира за лидер на христијанско демократската партија (ЦДУ) на партискиот конгрес во декември, дознава Шпигел.
Според весникот, Меркел ова го објавила денес на утринската средба со партискиот штаб.
Таа сериозно размислувала да не се кандидира за партиски лидер и местото да го препушти на друг кандидат. Лани во февруари таа во ТВ интервју рече дека „за мене две канцеларии значат обезбедување стабилност на владата“.
Но, после разочарувачките изборни резултати, особено вчера во Хесен, каде ЦДУ изгуби десет проценти, таа нема друг избор, коментира медиумот.
Прашањето е дали за неа ќе значи дека ќе поднесе оставка и на местото канцелар, зашто тие две функции долго време ги извршува паралелно. Со ова Шпигел практично го отвора прашањето и за нов канцелар, но Билд е убеден дека таа ќе остане на таа функција.
Како најсериозен наследник на лидерската функција во ЦДУ се споменува генералната секретарка на партијата, Анегрет Крамп-Каренабауер, која ја промовира лично Меркел, како и министерот за здравство, Јенс Спан и премиерот на Северна Рајна Вестфалија, Армин Ласет.
Comments are closed for this post.