На денешната редовна владина седница се очекува да биде усвоена информацијата за петтиот пакет економски мерки за помош на стопанството и граѓаните поради ковид пандемијата. Финалниот предлог на петтиот пакет мерки викендот беше презентиран пред претставници на коморите, членки на Платформата за јавно-приватен дијалог и билатералните комори во државава.
Премиерот Зоран Заев вчера истакна дека се прават последните консултации и по усвојувањето на мерките од Владата ќе се стартува со подготовка на формално-правните аспекти за нивна реализација.
Петтиот пакет мерки го работевме и викендот, со министерот за финансии, потпретседателот за економски прашања, со другите економски ресори постојано во комуникација и координација, верувам дека во вторник Владата ќе носи одлука за нив ако се е подготвено на својата редовна седница. Се прават последните консултации, интерресорски, а и со чинителите, синдикати, работодавачи, комори, работници и сите кои се вклучени во овој процес. При самиот крај сме и јас како претседател на Владата верувам дека ќе бидеме подготвени да ја усвоиме комплетната информација со мерките, да може да се соопштат и презентираат и веднаш да влеземе во подготовка на правно формалните аспекти, законите, уредбите, одлуките за нивно спроведување – изјави Заев.
Како што информираше вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, последниот пакет за помош поради ковид пандемијата содржи 30 мерки кои може да се поделат во четири столба: финансиска поддршка за исплата на плати и задржување на работните места, финансиска поддршка за ликвидноста на компаниите и граѓаните, мерки за поповолно деловно опкружување и директна помош за граѓаните.
Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, во интервју за МИА посочи дека сите мерки се дизајнирани во согласност и со дијалог со сите стопански комори, но и со работодавачите, работниците, вклучувајќи ги и синдикатите.
Веќе се разговарани во детали и очекуваме наскоро да почнат и да се реализираат. За неколку од мерките кои се предвидени во петтиот пакет секако дека треба да има и законски решенија, имајќи предвид дека неколку од уредбите веќе се завршени, а дополнително на тоа согласно начинот на кој се дизајнирани мерките ќе треба да донесеме и нови закони – рече Бектеши.
Според него, од начинот на кој претходно се реализираа мерките може да се заклучи дека некаде во првата половина на март ќе имаат можност сите компании да аплицираат за различните мерките кои ќе бидат презентирани.
Бектеши посочува дека наместо платежни картички за ранливите категории граѓани ќе се нуди отпишување на каматите за заостанатите долгови постари од три месеци што ги имаат кон јавните претпријатија на локално и централно ниво.
Разгледавме неколку опции во Владата и побаравме различни предлози од страна на различни институции и невладини институции. Мерката ќе важи само за јавните претпријатија кои работат во рамки на општините и кај оние јавни претпријатија во кои 100 отсто е сопственик Владата. Ќе важи за сметките за вода, комуналии и другите сметки кои директно се плаќаат од страна на граѓаните кон јавните претпријатија на централно или на локално ниво – рече Бектеши.
Се разговара и со приватни компании за да се обезбедат некакви олеснителни околности во насока на бришење одредени камати.
Во првата фаза така ќе почнеме, а така одлучивме, бидејќи имаме информации од анализите што ги направивме дека одредени семејства и граѓани речиси имаат поголем долг врз основа на заостанати камати отколку што им е главницата на долгот и тоа го префрлуваат на наредните генерации. Затоа сакаме еднаш засекогаш да ги избришеме долговите врз основа на камати, а дополнително да им дадеме можност на граѓаните на 12 месеци да го репрограмираат основниот долг што е постар од три месеци – појасни Бектеши.
Во петтиот пакет покрај финансиската поддршка за исплата на плати се планирани и низа други мерки, за компаниите од туристичката дејност, транспортот на патници, индустријата за организација на настани, медиумите, занаетчиите, извозните компании, даночни и царински олеснувања, како и други мерки за одредени групи на граѓани, кои се директно поврзани со ефектите од ковид кризата.
Comments are closed for this post.