Граѓаните ќе треба да одговорат на шеесетина прашања во рамки на пописот кој ќе се одржи од 1 до 21 април годинава, а смеат да не одговорат само на три прашања, рече директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, на денешниот брифинг со новинарите.
Граѓаните мора да одговорат на сите шеесетина прашања кои ќе им бидат поставени. Секако, голем дел од одговорите ќе ги извади самиот систем, користејќи ги базите на податоци. Единствените прашања на кои граѓаните нема да мора да одговорат се за етничката припадност, за религиската припадност и за јазиците. Согласно законот, ние сме обврзани да ги објавиме податоците шест месеци по завршувањето на пописот, но јас сметам дека ќе успееме многу порано да го сториме тоа. Нашата цел е за три месеци да ги објавиме резултатите. Така ќе имаме свежи податоци – заврши Симовски.
За спроведување на пописот е избран комбинираниот метод, односно ќе се користи комбинација на податоци добиени на терен преку индивидуално попишување, со податоци од претпописна статистичка база на податоци која содржи податоци добиени од постоечки регистри кои се поврзани со користење на единствниот матичен број (ЕМБГ) на граѓанинот.
Комбинираниот метод за спроведување на пописот има свои предности. Тоа е намалување на потребното време за прибирање на податоците, намалување на трошоците за пописната операција, намалување на потребното време за обработка на податоците, како и многу повисоко ниво на квалитет на податоците од пописот. Со овој метод ќе се користат и претпописни бази на податоци од МВР, МИОА, Агенцијата за вработување, МОН, Агенцијата за катастар и многу други државни институции. Во пракса тоа значи дека попишувачите кои ќе одат на терен, ќе користат лап-топ компјутери, кои ќе бидат поврзани на посебно развиена веб-апликација. Системот содржи модул за администрација на корисници, модул за адресни податоци, за податоци за зграда, за стан, за список на лица, податоци за домаќинства, како и за управување со валидациски правила – рече Симовски.
Во пописот ќе учествуваат Државниот завод за статистика, Советот за статистика, Комисиите за прописни реони, а ќе има и 150 државни инструктори, 500 реонски инструктори и 5.500 реонски попишувачи.
Пописот ќе го опфати вкупното резидентно население и вкупното нерезидентно население. Резиденти се оние државјани со место на живеење во земјава, без оглед на тоа дали во моментот на пописот тие се наоѓаат во местото на живеење или на друго место во државата. Резиденти се и лицата странци кои престојуваат во Северна Македонија подолго од 12 месеци, а истото важи и за македонските државјани кои во времето на пописот живеат во странство помалку од 12 месеци. Во оваа категорија спаѓаат и бегалците кои се присутни во земјава подолго од една година. Под нерезидентно население спаѓаат жителите на Северна Македонија кои поради работа или поради друга причина се во странство повеќе од една година. Нерезидентни се и лицата странци кои престојуваат во државата до 12 месеци со одобрение за привремен престој – објасни Симовски.
Има и такви кои нема да бидат опфатени од пописот.
Нема да се попишува дипломатскиот персонал на странските дипломатско-конзуларни претставништва во земјава. Истото важи и за странскиот воен персонал, странците кои се на службен пат во земјава, на одмор, на лекување или друга причина. Нема да се попишуваат и странците кои поради работа и школување дневно ја поминуваат државната граница. Исто така, пописот нема да ги опфати празните станови во зградите во кои сè уште не е дозволено вселување, објектите кои се користат за сместување на земјоделски орудија и алати, како и колективните станови во кои не живее ниту едно индивидуално домаќинство – истакна директорот.
На новинарско прашање како ќе се попишуваат лицата коишто живеат надвор од земјава, Симовски наведе дека тоа ќе се прави на два начина.
Првиот начин е самопопишување преку онлајн апликација, а вториот начин е некој друг во земјава да даде податоци за лицето кое живее во странство. Во денешно време е многу лесна и евтина комуникацијата со луѓе надвор од земјава, па тоа значи дека податоците за нив лесно може да се приберат – рече Симовски.
Во однос на пандемијата со коронавирусот, тој посочи дека сите протоколи за заштита ќе бидат применувани за време на пописот.
На дневна основа ќе имаме евиденција кои лица се заболени и кои лица се во изолација. Многу дециден протокол ќе има и за сите останати лица кои би можеле да се заразени со ковид-19, а не чувствуваат симптоми. Попишувачите нема претходно да бидат тестирани за ковид-19, бидејќи сметаме дека такво нешто не би дало ефект. Едноставно, еден попишувач може да не биде заразен пред почетокот на попишувањето, а да се зарази за време на попишувањето. Но, протоколите максимално ќе ги следиме и попишувачите нема да смеат да влезат во туѓ дом без заштитна опрема – рече Симовски.
Денеска во Службен весник е објавена методологијата за пописот, која дава стручни објаснувања за неговото организирање.
Comments are closed for this post.