Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари видео средба со неговиот колега од Република Литванија, министерот, Габриелиус Ландсбергис.
Акцентот на средбата беше ставен на европското досие на Северна Македонија, новата методологија за проширување, напорите за усогласување на преговарачката рамка врз основа на почитување на елементарните европски вредности и стандарди се со цел нејзино усвојување и одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.
Принципиелната позиција на Литванија, манифестирана во континуитет за европскиот пат на Северна Македонија е од особено значење бидејќи европските интеграции за државата значат безбедност, стабилност и економски развој, но се голем придонес и во стабилноста на регионот. Очекуваме непречено спроведување на мартовската одлука за почеток на пристапните преговори и пробивот во таа насока ќе претставува признание за досегашниот ангажман на нашата земја во европските интегративни процеси, истакна Османи.
Во тој контекст, Литванија останува отворена за пренесување на искуство,експертиза и знаење во спроведувањето на европските политики.
За време на разговорот беше реафирмирана благодарноста до Литванија и за поддршката на нашата држава за членството во НАТО, која уште од 2000 година се темелеше на солидарноста, прокламирана како еден од основните принципи со членството на двете земји во Вилнус групата.
Османи и Ландсбергис ги разгледаа можностите за продлабочување на соработката на билатерален план, особено на полето на економската дипломатија, кризен менаџмент, ИТ секторот како и друга експертска помош. Од литванска страна беше изнесен интерес за учество со експерти во твининг проекти со акцент на областите јавно финансирање, пазар на трудот, администрација, кибер безбедност и слично. Заеднички беше оценето дека економската сорабнотка заостанува зад политичката и дека на тоа треба да се работи.
Comments are closed for this post.