Македонија е земја која од Европа ја гледаат како црна дупка. Според ВМРО-ДПМНЕ во државата има партизираната администрација, политизираното обвинителство и заробеното судство. Токму ова, според нив, се причините за падот на листата на Транспаренси интернешнал за индексот за перцепција на корупцијата. Поради тоа, најавуваат интерпелација за вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ.

„Повеќе од година дена немаме разрешница за најголемата рекетарска афера во Европа. Бојан Јовановски, кој сите го видовме со полна торба пари, во судница кажа дека парите од рекетот да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, а обвинителството не ги ни повика ниту на распитување. Сите го видовме Ден Дончев, како трпа туциња пари во торба, а ЈО требаше барем да започне истрага каде завршија парите“, истакна Владо Мисајловски.

 

Тој додаде дека целата јавност слушна како контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, кажува дека му дал 300.000 евра на Заев и дека дал ветување за маркица за бензинска, како и дополнителни 2000 метри квадратни простор во комплексот кој ќе го гради на местото на ШИК ЈЕЛАК, а случај, како што рече, повторно нема. Обвинителството и тука молчи.

А обвинителството молчи и за Леонардо, каде слушнавме како власта си договара аванта, во случај каде што имаше скроена постапка за набавување на изнајмување на хеликоптерски систем по екстремни високи цени.

Во земја каде функционери се однесуваат како мафијаши и за тоа поминуваат неказнето, не може да дојде ниту еден странски инвеститор, напротив сите тие ќе бегаат подалеку.

Вклучен е црвениот аларм одамна. Потребни се оставки, најпрвин од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, затоа што не само што не се изборија со корупцијата, туку истата е засилена.

Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ.

Оставки веднаш. Одговорност веднаш – додаде тој.

Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски во вчерашното издание на емисијата 10 минути на ТВ21 изјави дека борбата против криминалот и корупцијата е започната, иако е тешка. Додаде дека во изминатите години во Македонија имало едно лице, кое било и судија и обвинител и се. Предметите кои се „чувале во фиока“ се откриваат сега.

„Со децении работите не ги менуваме. Само еден податок ќе ви кажам. Од Судскиот совет податок кој што го добивме, официјално пред само неколку дена. Од 2018-та до 2020-та година во државата имаме застарени 3292 предмети, кривични, граѓански прекршочни. Ја добивме токму оваа официјална статистика која го потврдува и го потврдува извештајт на танспаренси, дека токму нашиот пат во овој период не е во други области, туку во делот на судството и во делот на владеењето на правото“, посочи Љупчо Николовски.

Во последниот извештај на Транспаренси Интернешнал, Македонија падна на 111 место на листата за индексот на перцепција на корупцијата.

Американската амбасадорка во Скопје Кејт Мери Брнз на Фејсбук напиша дека последниот извештај на „транспаренси“ е јасен сигнал дека борбата против корупцијата останува критично важна задача за Македонија