И покрај забраната за собирање, речиси 3.000 студенти, според полицијата, излегоа на протест во Атина, поради нацрт-законот за воведување полициски патроли на универзитетите.
На сличен митинг во Солун присуствуваа околу 1.500 луѓе, рече полициски извор.
Ова е трет студентски протест во последните три недели.
Денешните демонстрации започнаа два дена по воведувањето на општата забрана за собирање на повеќе од 100 луѓе, до 1 февруари. Полицијата во вторникот соопшти дека целта на оваа мерка е да го заштити јавното здравје, а земјата е под мерки на затворање од почетокот на ноември поради вториот бран на пандемијата на коронавирус.
„Не на полицајците на универзитетите“, извикуваа студентите со маски на лицето. Тие исто така побараа отворање на универзитетите кои се затворени неколку месеци поради „заклучувањето“ со цел да се спречи опасноста од коронавирусот.
Контроверзниот предлог-закон предвидува специјални полициски патроли кои според владата ќе oсигурат безбедност на високообразовните институции каде што често се појавува насилство.
Сепак, студентите и ректорите возвраќаат дека мерката го укинува независниот статус на универзитетите, принцип што важи за повеќето универзитети во Европа и според кој полицијата не смее да интервенира без барање на ректоратот.
Comments are closed for this post.