Оштетените штедачи на Еуростандард банка бараат Уставниот суд итно да решава за иницијатива од Адвокатското друштво „Кузмановски“ за оценување на законитоста и уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки и очекуваат негово укинување.
Тие сметаат дкеа со тоа ќе се отстрани нееднаквоста и дискриминацијата на сите останати доверители во однос на Фондот за осигурување на депозити и ќе се овозможи сите доверители, физички и правни лица, да добијат шанса делумно да ги повратат своите депозити преку стечајната постапка.
Апелираме Уставниот суд што поскоро да одлучува и да донесе конечната одлука по поднесената иницијатива. Што поитно се одлучи, штетата ќе биде помала по оние кои немаат никаква вина за грабежот во банката, а ги довериле своите тешко заработени лични средства во финансиска институција регулирана и контролирана од Народна банка – велат од Иницијативниот одбор на оштетените штедачи.
Тие сметаат дека со донесување на правична одлука од страна на Уставниот Суд ќе се докаже дека во државата сѐ уште се применува начелото на владеење на правото и начелото на еднаквост на сите странки во стечајната постапка.
На тој начин, Уставниот суд ќе помогне во намалување на и онака големите штети на доверителите, не само материјални туку пред и се здравствени. Затоа, бараме и очекуваме уставните судии да одлучуваат приоритетно по ова горливо прашање. Веруваме во правдата која ја очекуваме да дојде многу скоро и да ни помогне да ја надминеме, барем делумно, оваа наша тешка агонија и неизвесност! – велат од Иницијативниот одбор.
Адвокатското друштво „Кузмановски“ на 28 октомври минатата година поднесе иницијатива за оценување на законитоста и уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки до Уставниот суд.
Comments are closed for this post.