Шведскиот филмски фестивал во Гетеборг ги поканува љубителите на филмот да се пријават за да поминат седум дена на изолиран остров со светилник, каде филмовите и морето ќе им бидат единствено друштво.

Како и многу други филмски фестивали, фестивалот во Гетеборг се префрли дигитално во пресрет на пандемијата на Ковид-19, но организаторите одлучија да понудат сосема поинакво искуство наречено „Изолирано кино“.

Ќе биде избран еден посетител кој ќе биде пренесен со брод до шведскиот остров Патер Ностер – што уметничкиот директор на филмскиот фестивал во Гетеборг, Џонас Холмберг, го нарекува „едно од најубавите и најдраматичните места“.

Откако ќе пристигне посетителот, ќе биде сместен во куќата на поранешниот чувар на светилникот, каде ќе помине една недела од 30 јануари до 6 февруари гледајќи ги филмовите од фестивалската програма на Гетеборг. Нема да бидат дозволени мобилен телефон, лаптоп, книга или какво било друго одвлекување на внимание.

„Не’ интересира како односот на публиката кон филмовите се менува под тие околности и сакавме да ја истражиме оваа врска со тоа што ќе ја однесеме во крајност – изолирајќи една личност на мала карпа во морето за една недела со филмови како единствено друштво“, вели Холмберг.

Доколку сте заинтересирани, можете да аплицирате преку интернет, сè што треба да направите е да испратите е-мејл и да кажете кој сте и зошто ве интересира да учествувате. Крајниот рок е 17 јануари, а филмскиот фестивал соопшти дека веќе има прилив на пријави од целиот свет.

Од безбедносни причини, посетителот нема да биде тотално сам, ќе има уште една личност што ќе престојува на островот, но тие ќе држат растојание.

„Ако сè оди според планираното, тие никогаш нема да се сретнат во текот на седумте дена“, вели Холмберг.

Неколку кандидати ќе бидат интервјуирани пред да се одржи конечниот избор. Додека е на островот, од избраниот филмски обожавател ќе биде побарано да снима дневни видео дневници за искуството.

Гетеборг е најголемиот филмски фестивал во Скандинавија. Покрај новите филмови, фестивалот прикажува и семинари и изложби. Комплетниот распоред за 2021 година треба да биде објавен на 12 јануари.