Жена сместена во дом за стари лица во Словенија починала откако ја примила вакцината на Фајзер-Бионтек против ковид-19, но нејзината смрт нема непосредна врска со вакцината. Таа боледувала од повеќе болести, објавија словенечките медиуми.
Националниот институт за јавно здравје соопшти дека до нив стасале две пријави. Првата, за несакани последици по вакцинирањето и втората, за смртен случај кој „коинцидира“ со вакцинирањето, за што веќе го известиле министерството за здравство.
Од министерството, како што известува Телевизија Словенија, ќе го свикаат одговорниот тим за вакцинација и тој детално ќе го проучи случајот за да утврди дали постои каква било врска меѓу примената вакцина и смртта на старицата, за што јавноста ќе биде во целост информирана.
Словенечките медиуми наведуваат дека штитеничката од старечкиот дом имала многу други придружни болести и најверојатно, вакцинирањето не може да се доведе во врска со смртта.
Податоците за нуспојавите од вакцинацијата ги прибира Институтот за јавно здравје. Таму одделно се анализира секој случај, вели државната секретарка од словенечкото министерство за здравство, Марија Магајне, коментирајќи ги неофицијалните информации за причините за смртта на старицата.
Од друга страна, министерот за здравство на Хрватска, Вили Берош, на прес-конференција за новинарите кажа дека починала жена, 82-годишна корисничка на дом за стари лица од Чаковец, која ја примила вакцината.
Таа беше вакцинирана, а потоа следниот ден умре. Таа е испратена на обдукција – додаде Берош.
Следниот ден епидемиологот ѝ ја провери состојбата. Некаде околу 17 часот, ден по вакцинирањето, таа ѝ се влоши. Повикана е брза помош, но таа починала во домот – објасни тој и додаде дека жената починала од срцева слабост.
Таа била тестирана негативна на коронавирусот.
Страдаше од астма и нарушувања во голтањето поради тоа имаше сонда, ангина пекторис, лежеше и не одеше сама – рече Берош.
Comments are closed for this post.