Здружението, „Оштетени штедачи“, утринава се огласи со ново соопштение, во кое велат дека неказнивноста е се поголема во нашата земја, особено кога се работи за поголеми криминали, каде шансите за одговарање се се помали.
„Неказнивоста стана главна одлика во нашето општество. Колку повеќе криминалот е поголем толку повеќе има реални шанси да не се одговара и случајот да се остави во заборав за да времето го надживее. Сведоци сме на многу такви проневери и злоупотреби во нашата држава. Во нив често има имиња на политичари, бизнисмени но и разни други пробисвети, манипуланти и тешки криминалци. Без разлика на големината на штетата којашто е предизвикана, чувството на горчина и беспомошност секогаш е присутно кај оние што се оштетени, било колективно или индивидуално. Неказнивоста ги нарушува основните човекови вредности на слобода, правда и правичност и делува ретроградно во развој на нашето општество.
Сега одат и понатаму. Па така, семејството Костовски, продолжуваат со злоупотреба на нашите покрадени пари преку нивни нови инвестиции кои се и одобрени од нашите надлежни институции. Примерот со отворање на нова фирма за управување со инвестициски фонд како и најавеното обновување на познатиот „Кермес“ во градскиот парк во Скопје, се потврда за тоа што веќе јавно се знае.
За грабежот на депозитите во Еуростандард банка сведочат и мноштвото докази, документи кои веќе ги поседуваат нашите надлежни институции, но по се изгледа, свесно се остава на времето за да случајот застари и да нема одговорност. Пракса што сме ја виделе многу пати до сега. Уште поголема тежина во овој натпревар за неказнивост е и јавното признание на вина и одговорност од главниот носител на криминалот во банката Трифун Костовски, но надлежните институции повторно не реагираат и дозволуваат и понатаму времето да тече како ништо да не било.
Интересот на граѓаните за којшто секогаш јавно се залагаат народните избраници и државни службеници е длабоко повреден и оштетен во случајот на Еуростандард банка. Околу 3.000 семејства се директно ограбени, измамени и изманипулирани, оставени на немилост на системот во сред пандемија. Очекуваме токму тие народни избраници, владини службеници и надлежни државни институции кои ги плаќаме секој месец да ја завршат својата работа за која се надлежни, да ги казнат криминалците за сторениот криминал и да помогнат да ги вратиме нашите покрадени средства. Тоа е во интерес на нас граѓаните. Времето за ваше делување е сега!“, се вели во соопштението од здружението „Оштетени штедачи“.
Comments are closed for this post.