Поранешниот претседател и премиер и основач на владеачкиот СДСМ, Бранко Црвенковски, останува на ставот да не дава изјави за медиумите-велат од неговиот кабинет за „Пресинг ТВ.
Ова е краткиот одговор од неговиот кабинет, по последниот настап на премиерот Зоран Заев во „Само интервју“ во кое уште еднаш се обиде да ги релативизира недоразбирањата со својот поранешен партиски шеф, но и да го „подучи“ како треба во иднина да делува и кому да му се обраќа. Зашто, Заев со „задоцнето палење“ од цел месец конечно забележал дека Црвенковски како поранешен шеф на државата треба да им се обраќа на граѓаните, а не на раководството и партиското членство.
Без разлика дали одговорот од кабинетот на поранешниот претседател и премиер ќе се толкува како продолжување на замрзнатото членство во СДСМ, за што актуелниот премиер забележа дека тоа е одамна замрзнато, или Црвенковски ќе се сведе на „историја“, останува непобитен фактот дека Заев може секого да измами, ама не и Црвенковски! Зашто, очигледно многу добро меѓусебно се познаваат и Бранко наизуст му ги знае и менталниот склоп и евтините муртински финти на ситен трговец.
Дотолку повеќе што реалноста потврди дека тој многу добро е упатен во тоа што се случува и во Владата и во партијата и точно, во центар погоди дека зад ставовите на Заев изнесени во скандалозното интервју за бугарската агенција БГНЕС, што беше објавено кон крајот ноември, не стои ниту Владата, нити партиското раководство и членство.
И за да биде значењето на реакцијата на Црвенковски поголемо, во исти ден, 26 ноември, на интервјуто на Заев реагираа тројца претседатели на Македонија, двајца поранешни-Црвенковски и ѓорги Иванов-и еден актуелен, Стево Пендаровски, што не се случило во тридецениската историја на самостојна Македонија.
Обидите на Заев преку две интервјуа, и тоа за Канал 77 и тоа за „Само интервју“, да го релативизира обраќањето на Црвенковски останаа попусти. Мантрата дека за изнесените ставови во интервјуто расправал партискиот Централен одбор и тоа во неколку наврати се покажа како апсолутно неточна.
Зашто, едно е да се дискутира за односите со Бугарија, а нешто сосема друго за тоа што ќе се каже во скандалозното интервју за БГНЕС. Најблаго речено, смешно делува објаснувањето дека Централниот одбор му дал дозвола на Заев да испрати скандалозни пораки до официјална Софија, а веднаш потоа речиси се да негира.
Но, за потсетување, кои беа скандалозните пораки на Заев а БГНЕС. Прво, дека Бугарија за време на Втората светска војна во Македонија не била окупатор, туку администратор, второ дека бугарската армија ги ослободила Куманово, Крива Паланка, Скопје и околината, трето дека различните власти за време на поранешна Југославија ги држеле двата народа поделени, со што го начна и ликот и делото на Тито, четврто дека во Струмица и Петрич се говори на ист јазик, петто дека претседателот Стево Пендаровски не е искусен политичар како него… Или, гледано во целина Заев со ова го доведе под знак прашалник македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и значењето на АСНОМ, а во крајна линија максимално ги девалвираше и членовите на историската комисија и нивната работа.
Во интервјуто за Канал 77, Заев меѓу другото ќе изјави дека не се кае за тоа што го рекол, дека сето било точно и дека интервјуто било дадено за да работи позитивно во Бугарија. Заев како Заев, едно кажува, друго мисли, трето прави… И што е можеби најтрагично, најточната оценка за него дојде преку наслов од бугарски 24 часа „Или Комисијата го лаже Заев, или тој ги лаже сите“.
Зашто, токму копретседавачот на македонскиот дел од заедничката македонско-бугарска комисија, Драги Ѓоргиев, по завршувањето на последната онлајн сесија ќе обелодени дека за бугарската страна била исцрпена можноста за употреба на придавката македонски/а/о и оти за тоа се дискутирало на повисоко ниво. Што значи дека Заев зад кулисите преговара за идентитетската придавка македонски/а/о.
И по ветото од страна на Бугарија за официјален почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, истиот Заев ќе се обиде да го покаже и своето друго лице, негирајќи речиси се што кажа во скандалозното интервју за БГНЕС. Па, пак излезе дека Бугарија не била администратор, туку окупатор на Македонија, дека во Струмица и во Петрич зборуваат на дијалект, а не на ист јазик, дека со Пендаровски мислат исто кога станува збор за односите со Бугарија, дека на 31 декември не сме заспале како Бугари, а на 1 јануари 1944 година сме се разбудиле како Македонци, дека…
Можат да се набројат и други детали, но останува горчливото чувство дека Заев со скандалозните пораки од интервјуто за БГНЕС не ја смени позицијата на Бугарија. Напротив, само ги влоши преговарачките позиции на Македонија и што е уште пострашно, придонесе во предложените конечни заклучоци на Европскиот совет да влезе формулацијата „погрешно толкување на историјата“, што само благодарение на Чешка и Словачка не беа усвоени.
Нормално, сето ова имаше и има внатрешни последици. Кога станува збор за внатрепартиските односи во СДСМ, повеќе од евидентно беше разногласието меѓу неговите функционери на различни нивоа, особено околу одржувањето седница на Централниот одбор, но и околу ослободувањето на Куманово и Скопје, на пример. Како кулминација, пак, може да се земе се уште не демантираната информација, пласирана како прашање од страна на потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ-дали е точно дека вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров, брифирал десетина новинари пред кои се пофалил дека благодарение на него и на скопското крило на СДСМ, Зоран Заев не ги прифатил сите барања изнесени од бугарска страна. По правило, молкот значи одобрување, што само покажува дека во редовите на владејачкиот СДСМ не цветаат рози, иако тоа вешто се крие од јавноста.
За жал, приказната не завршува тука. Провладините платенички медиумски питбули на Заев од петни жили се обидуваат сите овие негови лавирања да ги минимизираат и релативизираат, а како вишна на шлагот доаѓа последната анкета на телевизија Телма и МЦМС. Нејзините фингирани резултати го ставаат Заев во улога на Алиса во земјата на чудата или како да не е од тука. Личниот негов рејтинг измерен на 39,7 отсто е апсолутно вештачки и неверодостоен, зашто не соодветствува ниту со процентот на незадоволни граѓани од првите 100 дена работа на актуелната Влада, нуту со просечната оценка за тоа сведена на 2,4 отсто, ниту со вкупното опозиционо расположение на граѓаните од 29,6 отсто, што е незначително, но сепак поголемо за 0,5 проценти од тоа што значи наклонето кон власта. Колку и да се филуваат нештата, граѓаните сепак знаат да прочитаат што е лажна вест.
Comments are closed for this post.