На новиот Концепт на министерката за образование и наука, Мила Царовска, за реформи во образованието работеле и историчари, но нивните имиња засега остануваат непознати за јавноста. Единствено што е познато е дека тие биле од академската заедница и од наставната пракса.
На ова укажаа членовите на работната група за реформи во образованието, професорите Кирил Барбареев и Виолета Петровска Бешка во нивното интервју за Прес 24.
Клучните прашања што сега се поставуваат е кои се тие историчари, зошто се кријат од јавноста, добиле ли нешто за возврат и што е тоа за да се согласат со елиминирањето на историјата како посебен предмет во образовниот процес и нејзино спојување со географијата и граѓанското општество во заедничкиот предмет општествени науки?!
На вчерашната реакција на мнозинството од научниот и професорски кадар на Институтот за национална историја, со која се бара повлекување на Концептот на министерката Царовска, беа потпишани 32 експертски имиња од областа на историјата.
Но, меѓу нив ги немаше имињата, на пример, на директорот на Институтот, проф. д-р Драги Ѓоргиев, кој е копретседател на македонскиот дел од заедничката комисија со Бугарија, но и уште двајца други членови историчари од истата комисија.
Анонимноста на „концептуалистите“ и отсуството на потписите во реакцијата на ИНИ наведува на размислувања за поделеност меѓу експертите историчари во државата. Дали зад тоа се кријат лукративни, клиентелистички или чисто партиски побуди и не е толку важно, важно е што наместо професионални, сега добиваме државни експерти по историја!
Comments are closed for this post.