Вообичаено на крајот на годината сумираме сѐ што се случило во текот на годината што изминува и со нови сили се подготвуваме за новата година. Сите ние што бевме сведоци на оваа 2020-та година мислам дека долго ќе ја паметиме. А сигурен сум дека во иднина, после неколку години, некои следни поколенија, моите деца или можеби моите внуци ќе речат: „кажи ми нешто за 2020-та година“. Ох, сигурно ќе се помислам што да одговорам?! Каква беше 2020-та?
Ајде малку да го вратам филмот. На личен план годината започна во очекување на доаѓањето на свет на моето прво дете. И тоа искуство само еднаш се случува и доживува. Детето се роди на почетокот на пандемијата. Јас би рекол во едно несигурно време – невреме.
Детето ги виде најблиските со маски на лицето. На почетокот маските на нашите лица ги гледаше малку зачудено, притоа без да знае што навистина се случува во светот. Иако на почетокот на пандемијата, маските на нашите лица изгледаа чудно во неговите очи, сега веќе тоа го прифаќа како нешто нормално, дури многу повеќе отколку многу повозрасни. Ете светот и луѓето со маски во очите на детето изгледаат нормално. За нас, тоа е нова нормалност, еден нов свет, малку ни е потешко да свикнеме во тој свет.
И што навистина се случуваше во светот во оваа 2020-та година? Светот беше скоро целосно затворен. Како маркет кога се прави попис на производите. 2020-та беше година на живот и смрт. Многу луѓе станаа жртви на оваа пандемија. Многу луѓе се заразија со корона вирусот, а за жал и многу луѓе ги загубија своите најблиски заради опасниот вирус. 2020-та беше година на богатство и сиромаштија.
Многу луѓе ги загубија своите работни места, додека некои луѓе и нивните бизниси станаа уште побогати. 2020-та беше година и на инфодемија. Многу луѓе се изгубија во информациите и дезинформациите на дигиталниот свет. Би рекол дека 2020-та беше година на крајности и несигурност.
А да се потсетиме, каков беше животот пред појавата на пандемијата?! Какво беше „старото нормално“? Пред пандемијата имавме планови, патувања, проекти, веселби, а немавме време. Но, одеднаш сето тоа застана. Стоп. Останавме дома. Одеднаш имавме многу време. Можеби на тој начин научивме повеќе да сочувствуваме едни со други, да бидеме поблиски, да гледаме на другите луѓе со повеќе емпатија.
Но, еве после неколку месеци во светот се појавија вакцини против опасниот вирус. Вакцинацијата, како што се очекуваше најпрво започна во побогатите држави. И вакцинацијата некако како да го означува почетокот на крајот на пандемијата.
И еве веќе сме на неколку дена и пред крајот на оваа 2020-та година. Најверојатно многумина се прашуваат каква ли ќе биде новата 2021 година?! Какви се очекувањата за новата 2021 година?
Според најновото истражување на меѓународната истражувачка агенција Брима Галуп, македонските граѓани не се чувствуваат среќни и не се оптимисти во однос на економски просперитет за новата година, но се оптимисти дека новата 2021-ва ќе биде подобра од 2020-та. И тоа е сосема јасно дека после оваа здравствена криза, во новата 2021-ва година нѐ очекува економска и социјална криза.
Состојбата со корона кризата јасно покажа дека за тие малку богати граѓани достап до квалитетна медицинска нега не е проблем, но за мнозинството сиромашни граѓани тоа е голем проблем. Господ на помош. Деновиве гледаме дека од сите соседни држави, ние последни ќе ги добиеме вакцините, ако и воопшто добиеме. Исто така гледаме дека власта има намера со наши пари да направи големи криминали и тоа да го „легализира“ низ парламентот.
А за другите разочарувања во однос на погазувањето на националното чувство и достоинство, воопшто и не сакам да коментирам. Оваа власт во текот на 2020-та, единствено ја продлабочи општата криза во секој аспект во државата.
Според истражувањето на Брима Галуп на глобално ниво, општиот заклучок е дека 2020-та година ќе биде запаметена како година на пандемија и карантин, а светската популација е пооптимистична за новата 2021-ва година. За крај, сигурен сум дека во иднина, некои од следните генерации ќе ве запрашаат: „кажи ми нешто за 2020-та година“?! Каква ли беше? Вие што би рекле? Без разлика што ќе биде Вашиот одговор, едно е сигурно – долго ќе ја паметиме!
Comments are closed for this post.