Американскиот претседател во заминување Доналд Трамп стави вето на буџетот за одбрана на САД, нацрт-закон во висина од 740,5 милијарди долари, кој е темелот на националната безбедносна стратегија, а со големо мнозинство веќе е изгласан во Конгресот.
Конгресот му го испрати нацрт-законот на Трамп претходно месецов на потврдување, а тој имаше рок до средата да го прифати или да стави вето на него.
Годишниот план за одбрана (НДАА) „не ги вклучува клучните национални мерки за безбедност, вклучува одредби со кои не се почитуваат нашите ветерани и воената историјата и е во спротивност со напорите на мојата администрација да се стави Америка на прво место во смисла на националната безбедност и надворешната политика“, се наведува во Трамповата порака до Конгресот.
Тоа е подарок за Кина и Русија, вели Трамп во пораката.
Претседателот се противи на планот на НДАА да се преименуваат воените бази кои носат имиња на лидери на Конфедерацијата, сојузот на јужните држави кои го поддржуваа ропството во Граѓанската војна.
Му смета и фактот што текстот не вклучува аболиција на законот со кој се штити правниот статус на социјалните мрежи, за кои тој смета дека се против него.
Од 1960 година НДАА се усвојува секоја година, а претседателот никогаш не го блокирал законот.
Трамп со ветото го врати текстот во двата дома на Конгресот, Сенатот кој го контролираат републиканците и Претставничкиот дом под контрола на демократите.
Тие го усвоија со големо мнозинство, а сега се очекува пратениците да се обидат да го заобиколат претседателското вето ако го изгласаат повторно со двотретинско мнозинство.
За тоа да не се случи, Трамп би требало да увери десетици републиканци да ја отфрлат речиси едногодишната работа на законот од 4.500 страници и да почнат од почеток, пишува Ројтерс.
Конгресот никогаш досега не успеал да го надгласа ветото на Трамп.
Comments are closed for this post.