Довербата е тивка и скапа работа. Да се стекне треба многу време, а за да се изгуби треба момент. Една слика, илјада зборови. Токму така изгледаше моментот на гласањето во македонскиот парламент за отворање на патот за уставни измени. Токму на број. Две третини. Точно осумдесет. На малите екрани гледаше народот како „80-те разбојници на Али Баба“ ја украдоа неговата доверба. Тоа е оној истиот народ, којшто не ги одобри тие уставни измени на референдумот. Така, божем тие, 80-те народни избраници се вратија од иднината и видоа дека таму е розово, и се вратија тука да ги отворат вратите кон ЕУ и НАТО, и да не убедат дека како што љубат да кажуваат да не избават од калта и од тињата. Разочарување, гнев, и поделби меѓу народот. А од соседите и од странските ни пријатели пристигнаа честитки за украдената доверба.
А по повод на Денот на Македонската револуционерна борба, во спомен на македонските револуционери за слободна Македонија да се потсетиме на нашата судбина преку една сосема кратка, но судбоносна приказна. Во неа се вели дека еден Македонец е комита, двајца Македонци се комита и војвода, а пак тројца се комита, војвода и кодош. Ех, таква е нашата судбина и таа е дел од нашата историја. Таа судбина не следи и во овие тешки моменти за нашата држава и во ова време полно со тешки предизвици.
И ете ја видовме таа наша судбина во петокот во Собранието. Историската судбината се уште не следи. Ете, видовме дека во Собранието може да се тргува со политичките интересите по цена на довербата на народот. Едноставно жално е што сега сме најмногу поделени од било кога во поновата ни историја. Јазот е поголем и поголем. Историска судбина. И украдена доверба.
Довербата во институциите се намалува. Доколку народните избраници што гласаа за „планот на Али Баба“, доколку го слушаа народот и не ја украдеа неговата доверба, не би го предизвикале неговиот гнев. А пак власта, онака баш за нив својствен стил како што подмолно дојде на власт, како што подмолно го склопи договорот од Преспа, и сега подмолно ја украде довербата на народот.
Останува да видиме дали ќе се препуштиме на историската судбина, или конечно ќе почнеме да си веруваме и да градиме поголема доверба во овие тешки времиња? А да, и за на крај да не заборавиме во недела да го вратиме часовникот еден час назад. Барем тоа можеме. Така можеме да го вратиме времето назад. Но, украдената доверба од народот не може да се врати.
Comments are closed for this post.