Инспекторите денес најавија засилени контроли во угостителските објекти во пресрет на новогодишните празници со цел да се превенираат евентуални предновогодишни прослави.
Апсолутно дека ќе има засилени контроли, но ќе зависи од тоа како ќе биде решението. Инспекциските служби не учествуваат во процесот на донесување одлуки дали ќе работат, нема да работат, дали ќе има некакви промени во однос на работењето на угостителските објекти. Во зависност од тоа што ќе се одлучи, така и ќе се организираме. Без разлика, онака како што стојат сега работите инспекторите, особено од Пазарната инспекција, но и од сите други, се постојано на терен и секојдневно максимално ги искористуваат капацитетите и како се приближуваат празниците ве уверувам дека уште повеќе ќе ги интензивираат надзорите, рече Претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска, одговарајќи на новинарски прашања на денешната редовна прес-конференција за активностите на инспекторатите.
Таа истакна дека пазарните инспектори од 30 ноември до 6 декември, меѓу останатото, изрекле решенија за затворање на четири угостителски објекти, три во Гостивар и еден во Скопје, за работа по 21 часот и повеќе гости на маса од дозволеното.
Во истиот период пазарните инспектори извршиле 3.129 контроли и 490 вонредни инспекциски надзори од кои најголем дел за почитување на протоколите за отворање и работа на угостителски објекти, при што изрекле 30 прекршочни пријави и по 44 решенија и прекршочни платни налози.
Врз основа на Законот за заштита на население од заразни болести пазарните инспектори донеле четири решенија за забрана за работа на четири угостителски објекти, три во Скопје и еден во Гостивар во кои констатирале дека не се почитувал протоколот, односно работеле по 21 часот со повеќе гости на маса отколку што е дозволено. За овие правни лица и одговорните лица се изречени прекршочни платни налози, рече Филиповска Грашкоска.
Comments are closed for this post.