Европската унија се посипа со пепел, кога таа требаше да покаже дека ги негува европските вредности, потфрли, изјави премиерот Зоран Заев во гостување во емисијата Утрински брифинг на Слободен печат.

Дека имавме резервираност во поглед на старт на преговорите, јас тоа го најавив уште на 11 Октомври, дека народот треба да биде подготвен дека можно е да не почне првата меѓувладина конференција, знаејќи до каде нашиот источен сосед и пријателска Бугарија одат со барањата. Ние правевме се во рамките на тоа што е дозволено, но вчера реков, нашиот македонски идентитет, македонски народ, се наше право на самоопределување. Европа мора да остане на своите фундаментални вредности, должност и е да го негува и нашиот македонски идентитет. За решенијата со Бугарија разговаравме за тоа што Бугарија коментира, дека не е доволно реализиран Договорот за добрососедство, дека динамиката не е соодветна, направивме акционен план, динамики како тоа да се решава, одредени клаузули ги продолживме во форма на меморандум… Не е тоа отфрлено од Бугарија. Тука се и акции за спречување на говорот на омраза. Поголем фокус Бугарија имаше во последните недели ни проговарачката рамка… Но, Европа не може да дозволи да има поглавје 35, рече Заев.

На прашањето по бугарското вето кој е губитник, тој со одговор.

Губитник е Бугарија, но губитник е и Македонија, на крајот на денот најголем губитник е Европската унија, бидејќи се посипа со пепел. Ги собравме сите европски награди, во понеделник ќе добијам нова награда, за европско лидерство. Значи, нашите политики се верифицирани пред се од европските институции, покажавме европски манири и вредности, со Рамковниот договор, со Преспанскиот договор, со договорот за пријателство со Бугарија, прифативме заедничка историја. И дојде Европа да покаже европски вредности, фалираше. Јас сум благодарен на сите земји членки кои останаа на своите принципи. Сите 26 земји се унисони во тој дел. Нашиот пат е ЕУ, но испишани се црвените линии, рече Заев.

За реализацијата на Преспанскиот договор нагласи дека се врши со одлична динамика. Се надева дека и комисиите ќе ги дадат своите резултати, но проблем може да биде отворањето на поглавјата кои со него се предвидени.

Важно е во рокот од тие три години да се реши прашањето со трговските маркици, коморите соработуваат и ќе го најдат решението, нагласи премиерот.

На прашањето дека вложил многу во односите со Софија, и дали сега чувствувате горчина, тој со одговор.

Јас како претседател сум должен да ги правам првите стапки во снегот. Во овие неколку месеци малку повеќе дознавме едните за другите, има антагонизам кој не е во функција на пријателството. Не е својствено друга земја да ви испишува ваша сопствена историја, рече Заев.