Нашите историчари од заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците уште од септември минатата година предупредиле дека нивните колеги од бугарската страна не ја прифаќале употребата на идентитетската придавка македонски/а/о. И за тоа ги информирале надлежните.
Не дека само употребата на идентитетската придавка излезе дека е единствен проблем меѓу Македонија и Бугарија, но основано се поставува прашањето зошто старо-новиот премиер, Зоран Заев, и поранешниот министер за надворешни работи и актуелен вицепремиер за евроинтеграции, Никола Димитров, не реагирале благовремено и што чекале цела година за тоа?
Проблематизирањето на употребата на идентитетската придавка Димитров го призна во интервјуто за „Дер шпигел“, а во последното интервју за Канал 77 премиерот Заев, меѓу другото, изјави дека „тоа прашање кај нас е политички решено“ и оти „историчарите, веројатно и од бугарска страна треба да ги добијат насоките што значи тоа, тоа е идентитетско прашање“.
На новинарската забелешка дека од комисијата рекле дека не биле информирани од страна на Министерството за надеворешни работи, премиерот додаде:
-Треба да бидат информирани, зашто тоа е решено прашање. Сето тоа што е идентитетска придавка е идентитетска придавка. Бугарија ја признава реалноста, сегашноста и кога се користи идентитетската придавка таа е применлива и не е спорно прашање меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Така да овде ОВА ПРАШАЊЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ДО КРАЈ РЕШЕНО. Така да за мене поважни се суштините. Вчера требаше да се решат наративите, коишто треба да се користат во учебниците, така знам. Тоа се записниците, што треба да се усвојат, од вкупно 14-11 беа на дневен ред, 3 се усвоени. И, за жал, не се изнајде решение, верувам под притисок на она што се случува…На ова гледам како на пропуштена шанса и можност.
Со формулацијата „треба да бидат информирани“, премиерот Заев не е сигурен дека членовите на комисијата се информирани за употребата на идентитетската придавка македонски/а/о.
Второ, забележлива и неговата контрадикторност. Од една страна вели дека „Бугарија ја признава реалноста, сегашноста и кога се користи идентитетската придавка таа е применлива и не е спорно прашање помеѓу Бугарија и Република Северна Македонија“. За веднаш потоа да каже „така да ОВА ПРАШАЊЕ ТРЕБА ДА БИДЕ ДО КРАЈ РЕШЕНО“.
Оттука останува дилемата дали прашањето за употребата на идентитетската придавка македонски/а/о во односите со Бугарија е решено или допрва “треба да биде до крај решено“, како што вели премиерот Заев.
Ако било решено, зошто се проблематизира од бугарска страна уште од минатиот октомври. А, ако не е, кое е решението, што ќе треба до крај да го реши.
Comments are closed for this post.