За жал, се потврдија пишувањата на бугарските медиуми дека на дводневната средба на македонско-бугарските историчари не е постигнат никаков напредок. Членовите на комисијата посочуваат дека заглавиле на, како што велат, една техничка пречка и една суштинска точка.
Тоа го објавија двајцата копретседавачи Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев на заедничка прес-конференција. Македонската страна одбила да ги потпише и записниците од деветтиот и десеттиот состанок (досега се одржани 11), бидејќи нивните бугарски колеги одбивале да се користи придавката – македонски.
-Резултатот од 11. средба е нула. Немаме направено ниту минијатурен чекор. Една од причините за тоа, иако изгледа техничка, сепак е политичка. Од 9-та средба наваму нашите колеги од македонската страна одбиваат да ги потпишат записниците. Тие настојуваа насекаде да се стави ‘македонски’, а тоа не е во согласност со востановената практика. Со одбивањето на потпишување на записниците се става под сомнеж нашата работа, бидејќи без документ за тоа што е дискутирано и какви одлуки се донесени на нашите средби ги прават работите несигурни, изјави Димитров.
Ѓоргиев, пак, од своја страна рече дека иако на средбите имало повеќеслојни дискусии, за жал, напредок нема. Тој додаде дека и во услови кога нема заклучоци од одредени состаноци, може да се толкува дека покажува нешто. Ѓоргиев укажа на тоа дека поголемиот дел од средбите се дискутирало за записниците.
-Тука главен проблем е употребата на придавката ‘македонски’, бидејќи постои различно толкување на Преспанскиот договор. Употребата на придавката ‘македонски’ од страна бугарските колеги е лимитирана целосно, без оглед како е тоа запишано во Преспанскиот договор и како тоа се толкува од наша страна. Бугарските колеги тоа почнаа да го практикуваат по 6. средба, иако ние не бевме информирани, ниту бевме консултирани, изјави Ѓоргиев и додаде дека за тоа не било информирано ниту македонското МНР.
Ѓоргиев тука појасни дека се работи за ситуации каде требало да се употреби македонска културна традиција, македонска историја, јазик, народ.
Според Ѓоргиев пак, за цар Самоил, главниот проблем е што бугарските колеги инсистираат во учебнците да влезе само нивната перспектива, а се избегнува внесување на мултиперспективноста во однос на оваа историска личност, на што инсистираат македонските експерти.
-За жал и тука не постигнавме согласност. Главниот проблем е во тоа што, според мене, се избегнува внесување мултиперспективност во учебниците по историја. Идејата да се наметне само едно видување, резултираше со непостигнување резултати за оваа забелешка на бугарските колеги. Беа разменети неколку предлози и варијанти на препораката за тој дел од нашата историја, но се покажа дека имаме апсолутно спротиставени ставови за тоа како треба да изгледаат идните учебници, рече Ѓоргиев.
По завршувањето на пресот, од нашиот, македонски дел на комисијата информираа дека разликите се големи.
-Бугарските колеги се обидуваат да го наметнат бугарскиот етнонационален и исклучив наратив како единствен кој треба да се изучува во нашите учебници. Поголем дел од бугарскиот тим во комисијата нема чувство дека станува збор за образовен систем на друга држава и дека не може една држава да и диктира на друга држава, што ќе се изучува во училиштата во Македонија, велат извори од македонскиот тим.
Оценка е дека „постојат големи разлики и во однос на политиката во историјата“ и оти „тоа пречи за постигнување напредок во комисијата“.
-Македонските членови не можат да прифатат „политиката да биде водилка во работата на експертите и членовите во комисијата да даваат изјави, кои повеќе се одлика на лоши политичари, отколку на членови на експертско тело“, коментираат наши извори од комисијата.
Comments are closed for this post.