Специјалниот суд за злосторства на поранешни припадници на ОВК во Хаг
објави редигирана верзија на одлуката со која се потврдува обвинението против четворица поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК), пренесува БИРН.
ССК (чие полно име е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство на Косово) објави редигирана верзија на одлуката со која се потврдува обвинението против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни припадници на ОВК за злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната 1998-1999. години.
Според документот, кој има повеќе од 200 страници, одлуката за потврдување на обвинението е донесена на 16 октомври од страна на судијата за претходна постапка, Николас Гију.
Тачи поднесе оставка на функцијата претседател на почетокот на ноември. Тој се изјасни дека не е виновен по сите точки на обвинението, а исто се изјаснија и Кадри Весели, лидер на опозициската Демократска партија на Косово и уште двајца поранешни членови на ОВК, сегашните политичари Јакуп Красниќи и Реџеп Селими.
Во обвинението се наведува дека тие биле дел од „здружен злосторничко потфат“, одговорен за воени злосторства и злосторствата против човештвото извршени најмалку од март 1998 година до септември 1999 година и дека тие биле одговорни за близу 100 убиства.
Целта, според обвинението, била да се преземе контролата врз Косово, користејќи средства што вклучуваат „незаконско заплашување, малтретирање, насилство и отстранување на оние што се сметаат за противници“.
Како високи припадници на ОВК, тие ја имале „одговорноста на претпоставени“, се додава во обвинението.
Во обвинението се наведува дека доказниот материјал покажува дека насилства и малтретирање се случиле на повеќе од 30 локации, од кои некои вклучија неколку притвори, во најмалку 16 косовски општини и во два града во северна Албанија.
Актите на насилство и малтретирање биле организирани според утврден образец, а обвинетите лично, со изјави и публикации, постојано повикувале на насилство против противниците, што, како што се наведува во одлука, укажува на „насилство оркестрирано од врвот“.
Голем број и разни категории на луѓе покажуваат дека нападот бил насочен кон значителен сегмент од цивилното население на Косово“, заклучи судијата во одлуката што беше објавена со редигирани делови и има 236 страници.
Comments are closed for this post.