Од денес Хрватска почна да применува построги правила за влез во земјата, според кои сите патници мора да имаат негативен ПЦР-тест или да одат во самоизолација, освен оние кои доаѓаат од „зелените области“ на ЕУ.
Според одлуката за привремена забрана и ограничување на преминување на државната граница што стапи на сила денес, сите патници кои доаѓаат во Хрватска, без оглед на државјанството, мораат да покажат негативен ПЦР-тест кој не е постар од 48 часа или да се тестираат по пристигнувањето во Хрватска и да бидат во самоизолација до негативен наод.
Единствен исклучок се патниците кои доаѓаат од области кои се наоѓаат на „зелената листа“ на Европскиот центар за контрола и превенција на болести. Според министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ, тоа во моментов е единствено островот Фаста во Финска.
Од одлуката се ослободени и граничните и здравствените работници, учениците и студентите, морепловците, како и патниците во транзит до 12 часа, но тоа мора да го докажат на граничниот премин.
За граѓаните на таканаречените трети земји сè уште важат дополнителни ограничувања. Ним ќе им биде дозволено да влезат само со негативен ПЦР-тест кој не е постар од 48 часа или тест во Хрватска и самоизолација до негативен резултат, само ако имаат итна лична и деловна причина или друг економски интерес.
Одлуката ќе важи до 15 декември.
Comments are closed for this post.