Музејот на современата уметност – Скопје во рамките на Интердисциплинарната програма продложува со циклусот онлајн предавања под наслов „Без/редие во светот на уметноста“.
Во среда, 25 ноември во 18.30 часот предавање ќе одржи ЕЈАЛ ВАЈЗМАН, професор на Универзитетот Голдсмитс во Лондон и основач на колективот „ФОРЕНЗИЧКА АРХИТЕКТУРА“ (Forensic architecture). Предавањето е насловено ,,КОНТРА ИСТРАГИТЕ (Постапки на утврдување докази)’’.
Ејал Вајзман е автор на бројни публикации меѓу кои ,,Издлабена земја: Израелската архитектура на окупацијата’’ (2007), ,,Најмалото од сите можни зла: Хуманитарно насилство од Арент до Газа’’ (2011), ,,Менгелевиот череп: Појавување на Форензичката естетика’’ (Во коавторство со Томас Кинан) 2012, ,,Форензичка архитектура: Насилството на прагот на детектирањето’’ (2017)
Колективот Форензичка архитектура спроведува современи архитектонски и просторни истражувања, дигитални моделирања, цртежи и анимации, како и документирани истраги на случаи поврзани со државен криминал и повреди на човековите права. Нивните детални и критички истраги прикажуваат како јавната вистина се произведува преку технолошки, архитектонски и естетски анализи – и како овие анализи може да се искористат во спротиставување и разоткривање на формите на насилствa предводени од државите. Овој колектив соработува со заедници и групи кои се наоѓаат во конфликтни зони или се објект на државно насилство. Исто така, тие настапуваат во име на меѓународни обвинители и се дел од соработки со Обединетите Нации, организации за заштита на човекови права, како и политички и еколошки групи кои се залагаат за правда.
Наодите од нивните истраги се презентирани во национални и меѓународни судници, граѓански трибунали, парламентарни истраги, како и изложби во водечките светски музеи и галерии.
Автор на проектот Без/редие во светот на уметноста е Тихомир Топузовски.
Comments are closed for this post.