Би сакале да информираме дека неколку месеци професорот Денко Малески не е советник на претседателот.
Ова е реакцијата од Кабинетот на шефот на државата, Стево Пендаровски, на текстот на Пресинг Тв со наслов „Кој ќе ги смени ставовите-За малку Македонецот, Денко Малески, или Македонецот, Стево Пендаровски?!“.
-На дел од надворешните советници им завршија годишните договори за соработка со Претседателот на почетокот на јуни 2020, меѓу кои беше и професорот Малески. Поради пренамена на значајна сума на средства од буџетот на Претседателот, за фондовите за справување со пандемијата на КОВИД-19, Кабинетот изврши реструктурирање на средствата во годишниот буџет и во таа насока се скратија и дел од договорните услуги, се вели во појаснувањето од Кабинетот.
Текстот уследи по објаснувањето на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дека професорот Малески е дел од работната група, на Министерството, која преговара со свои колеги од бугарското МНР околу надминување на недоразбирањата произлезени од (не)спроведувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.
Пролетоска професорот Малески излезе со колумна и со интервју за една бугарска телевизија во кои ги изнесе веќе познатите негови тези дека македонскиот револуционер Гоце Делчев бил етнички Бугарин и дека македонскиот и бугарскиот се еден ист народ. Ваквите негови ставови наидоа на остра осуда во домашната јавност.
А, од нив се огради и претседателот Стево Пендаровски, иако професорот Малески во времето кога ги изнесе тезите беше негов советник.
Comments are closed for this post.