Забраната за влез во Грција за државјани на трети земји, како и одлуката за ограничување на копнените, воздушните и морските поврзувања на Грција со соседните земји се продолжени до 30 ноември.
Едната одлука, се однесува на привремената забрана за влез во Грција на „сите државјани на трети земји, од која било влезна точка, на кој било начин и со кое било средство, вклучувајќи ги авионските, морските, железничките и патните поврзувања од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на Ковид-19 на грчка територија“.
Исклучок се земјите членки на Европската унија и Шенген зоната, како и жителите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд, Руанда, Јужна Кореја, Тајланд, Уругвај, Обединетите Арапски Емирати и Сингапур.
Исто така, исклучок се и одредени категории граѓани, како што се медицинскиот персонал и здравствените работници, оние кои имаат дозвола за престој во земја членка на ЕУ или земја од Шенген зоната, членови на владини мисии, дипломати, превозници, возачи на камиони што пренесуваат стоки, транзит патници, студенти, лица кои се грижат за стари лица и лица со инвалидитет, како сезонски земјоделски работници.
Другата одлука е привременото ограничување на сите копнени поврзувања од и кон Грција „од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на корона вирусот на грчка територија, како и забрана за влез на лица на грчка територија, освен ако исполнуваат конкретни предуслови“.
За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето.
Од останатите гранични премини што се отворени, односно Какавија и Кристалопиги кон Албанија, Евзони (Богородица) кон Македонија, Нимфеа кон Бугарија и Кипи кон Турција, влезот во Грција е дозволен само за одредени категории и исто така со негативен ПЦР тест.
Овие гранични премини се отворени од 7 часот наутро до 23 часот, а забраната не важи за грчки државјани, за лица кои имаат дозвола за престој и лица кои живеат во Грција, за влез на лица со апсолутно неопходни професионални или медицински причини за кои имаат и потребни документи, за товарните камиони, како и за транзит на болнички возила кои од Косово преку Македонија влегуваат во Грција за хоспитализирање на пациенти кои припаѓаат на дипломатскиот, воениот или административниот персонал на земјите членки на ЕУ и Еулекс на Косово.
Претходните две министерски одлуки за периодот од 26 октомври до 8 ноември беа во сила до вчера на полноќ, а по објавувањето во Службен весник на Грција, продолжени се од денеска до крајот на ноември, односно до денот до кога Грција ќе биде во целосен карантин.
Comments are closed for this post.