Љубовна приказна за денешни и дамнешни души ќе биде шестиот игран филм „Врба” на Милчо Манчевски чие снимање почна денеска во близина на прилепското село Крушевица.
Манчевски е автор и на сценариото, а по девет години, ова е прв филм што го работи во Македонија.
„Врба” раскажува три испреплетени приказни за љубов и доверба, едната од македонското средновековие, другите современи, но се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа. Не е важно која е темата или пораката на едно уметничко дело, важно е тоа да те допре, расплаче, насмее или налути, вели режисерот Манчевски.
Главните улоги им се доверини на младите актери: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев и на веќе искусната Камка Тоциновски. Покрај нив во филмот играат и Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова Периќ,…
Снимањето на филмот ќе трае до првата половина од декември и ќе се снима на локации во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспанскиот регион и на различни локации низ Скопје.
Во Крушевица за потребите на снимањето се изградени два филмски сета со автентични сценографски решенија во духот на времето, кое режисерот сака да го долови во филмот, а во Штавица ќе се користат веќе постоечки ресурси со дополнително преуредување.
Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош (Támas Dobos), дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс (David Munns), за костимите се задолжени Жаклина Крстевска и Ѓерѓи Сакач (Györgui Szakács) од Унгарија, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел (Nik Powell) од Велика Британија, легендарниот коосновач на „Вирџин рекордс” заедно со Ричард Брансон.
„Врба” е во продукција на „Банана филм” и е македонско – унгарско – белгиска копродукција, со учество и на Албанија.
Пред девет години Манчевски го сними неговиот последен македонски филм, наградуваниот „Мајки”. Во меѓувреме работеше во Њујорк на „Бикини Мун”, неговиот последен филм (кој во март годинава ја имаше македонската премиера, а овој месец и њујоршката), е американско-германска копродукција без учество на Македонија.
Манчевски е добитник на над 40 меѓународни награди и признанија, меѓу кои и почесен докторат од универзитетот ВГИК во Москва, Златен лав во Венеција, номинација за Оскар, Индепендент спирит, Давид ди Донатело, ФИПРЕСЦИ, УНЕСКО, Сребрен кондор, ЕМ-ТИ-ВИ и други. „Њујорк тајмс” го вброи „Пред дождот” меѓу најдобрите илјада филмови на сите времиња. Неговите филмови се предаваат на бројни универзитети на сите пет континенти, а влезени се и во наставната програма на средните училишта во Италија и Турција. Користени се и во наставата во Јужна Кореја. За неговите филмови се одржани две академски конференции, во Фиренца и во Лајпциг.
Comments are closed for this post.