Да не беше бриселското издание на „Политико“ ние уште ќе летавме во облаци дека имаме бетон македонски идентитет и бетон македонски јазик. И ќе живеевме во сопствените илузии дека заедничката македонско-бугарска комисија ќе одлучува кои личности и настани ќе треба во иднина заеднички да ги славиме со Бугарија и Бугарите, со нашите браќа, братучеди, одродени и неодродени, или источни соседи и што ли уште не.
„Политико“ денеска ни соопшти, кој бил компромисот, што го прифатила Бугарија за одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.
Значи, според „Политико“, Бугарија ќе го признае македонскиот јазик и македонскиот идентитет, а во замена за тоа Македонија ќе треба да ја признае историската вистина дефинирана од Софија, како и тоа дека има бугарска основа (темели, корени) во македонскиот идентитет и подоцна создадениот македонски јазик.
И засега молк од медиумите. Од истите медиуми, кои до ден денес парчосуваа се што доаѓаше од источниот сосед како антиевропско, антицивилизациско, анти… какво ти не. Како да се сите затечени.
Дали ова ќе го прифати актуелната владејачка номенклатура, останува да се види. До 10 ноември има уште неполни две недели. За некого многу, за некого малку пред да ни падне знаменцето.
И во таков цајтнот, што би се рекло, треба да видиме како сега старо-новиот премиер Зоран Заев бугарската жица ќе ни ја продава како македонска?! Или, пак, едноставно ќе ни соопшти дека, парафразирано, Бугарија преку неговиот брат и пријател Бојко Борисов бара нешто што ние не можеме да прифатиме.
Не толку одамна Заев ни се колнеше во неговата македонска жица. Како заврши таа приказна, видовме. Ама работата е во тоа што таа македонска жица не била македонска. Туку бугарска, според историската вистина и реалност, што доаѓа од Софија. И имала континуитет за кој се уште не се знае до кога траел-дали до 1944 или до 1991 година.
Најмалку важно е сега дали ќе имало или немало нов договор, дали ќе имало или немало уставни промени, или дали ќе имало или ќе немало анекс на постоечкиот Договор. Важно е дали ќе прифатиме бугарско потекло на македонскиот народ, што ќе го издели од неговото сопственото автохтоно македонско?! Во тој случај, ќе значи ли тоа дека секој завојувач и освојувач на овие простори низ историјата ќе го прифаќаме како основа за нашето национално потекло?!
Comments are closed for this post.