Поранешниот началник на СВР Велес, велешанецот Игор Ангеловски почина синоќа на Инфективната клиника во Скопје како последица на ковид-19. Ангеловски беше хоспитализиран на инфективното одделение во велешката болница на 7 октомври, пишуваат велешките медиуми.
Откако состојбата му се влошува, една недела подоцна тој е транспортиран на Инфективната клиника во Скопје, каде што синоќа починал. Претходно, неколку дена бил прикачен на респираторна машина. Тој е најмладата жртва на коронавирусот во Велес. Имаше 41 година.
Игор Ангеловски беше началник на СВР Велес во периодот од 10 јануари до 27 јули годинава, како предлог на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. По професија беше магистер по дефендологија. Работел во единицата за специјални задачи „Тигар“, бил инструктор во Центар за обука во Идризово и самостоен инспектор во Крим техника во СВР Велес . Исто така бил инспектор во обезбедување на ВИП личности и објекти.
Ангеловски е 25-ти велешанец, жртва на коронавирусот од почетокот на епидемијата. Со неговата смрт продолжува црниот биланс на починати велешани од ковид-19. Од минатиот вторник до сега починаа 10 велешани, од кои девет во велешката болница и еден на Инфективна клиника во Скопје.
На инфективното одделение во велешката болница вчера почина 58-годишен свештеник на МПЦ од Богомила. Во моментов на одделението се хоспитализирани 41 пациент, од кои 15 добиваат кислородна поддршка.
Comments are closed for this post.