За попладне е најавена прес-конференција на двајцата копретседавачи на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна
Веќе е започната дискусија во однос на усогласување на препораки за нашите учебници по историја за 7 одделение
Во Клубот на пратеници денеска продолжуваат експертиските разговори на македонско-бугарската мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.
Десеттата средба која започна вчера се случува по пауза од речиси една година, поради изборите кои се одржаа кај нас и потоа поради пандемијата со ковид-19.
Вчерашните и денешните разговори се за прашања и теми кои треба да придонесат за надминување на историографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело. Комисијата заседава зад затворени врати, а за она што е постигнато, како што е најавено, ќе информираат двајцата копретседавачи на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна на прес- конференција денеска во 17:45 часот. Неофицијално, веќе е започната дискусија во однос на усогласување на препораки за нашите учебници по историја за 7 одделение.
Од македонскиот тим во најавата за десеттиот состанок напоменаа дека покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележување на историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани, со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи.
Comments are closed for this post.