Лондонската полиција блокираше дел од градот околу болницата Сент Томас и го затвори мостот Вестминстер поради безбедносна закана.

Пет до шест полициски автомобили ја опколиле болницата во близина на Ватерло, велат луѓето од местото на настанот.

Очевидци велат дека на пациентите, медицинските сестри и лекарите им било забрането да влегуваат во зградата, дека болницата е евакуирана, додека полицијата извршила увид во областа.

Мостот Вестминстер е затворен за сообраќај во двата правци, додека огромен кордон е поставен околу таа област. Пациентите кои пристигнувале на прегледи биле одбиени од болницата, додека на вработените исто така им било забрането да влегуваат.

Од полицијата додаваат дека ќе се обратат до јавноста кога ќе имаат повеќе информации, додека никој од болницата не најавува што точно се случува.

Еден од очевидците рече дека видел многу вооружени полицајци и дека сè изгледа како областа да е затворена.

Друг очевидец вели дека видел како граѓаните се туркаат што е можно подалеку од мостот Вестминстер, објави „Дејли експрес“.