Комисијата за заразни болести донесе предлог одлука за отворање на границите со Србија, Црна Гора, Косово и Албанија без PCR тестирање, соопшти Министеството за здравство утрово.

Според анализите, во моментов нема индикација, односно нема висок број на импортирани случаи во земјава со ковид-19 од овие земји. Согласно тоа, нема ризик и безбедно е отворањето на границите. Во Европската Унија сите граници на движење се без PCR тестирање, велат од Министеството.

Предлог одлуката ќе биде доставена до Владата на Република Македонија.

Според податоците од Министерството за здравство, во деноноќието меѓу саботата и неделата се направени 1.350 тестирања и регистрирани се 191 нови случаи на ковид-19, со што вкупната бројка на активни случаи во нашата земја изнесува 2.693, откако во петокот беа регистрирани 225, а во саботата рекордни 243 нови случаи.

Рекордер по активни случаи е главниот град со 966, по што следи Кочани – 183, Куманово и Струмица по 181, Тетово – 161 и Прилеп – 147. Во овие шест града се над 67 проценти од сите активни случаи.