Политичката партија Левица ги повика гостиварци да го бојкотираат претстојниот референдум со образложение дека тоа е единствениот механизам за спротиставување на власта и нејзините напори за интеграција на Македонија во НАТО сојузот.
Ова меѓу другото го порачаа членовите на најтесното раководство на Левица Хактан Реџеп Исмаил, Зоран Василески и Џејлан Велиу на трибината со наслов „Бојкотот како самоодбрана“ што се одржа во малата сала на Центарот за култура „АСНОМ“.
Во излагањата тие се осврнаа на Преспанскиот договор кој според Василески го нарушува принципот и правото на самоопределување на народите и прави историски ревизионизам. Тој подвлече дека договорот со Грција не делува кохезивно и обединувачки туку повеќе ја продлабочува етничката поделба во Македонија.
Ставот на Левица кој беше искажан на трибината околу консултативниот карактер на референдумот е дека на вака поставеното прашање се потценува и манипулира народната волја и ја наршува демократијата во земјава. Затоа, како што беше нагласено во излагањата, бојкотот е единствено правилен политички механизам за пружање отпор на владејачките елити и нивните деструктивни политики.
Од Левица порачаа дека нивното делување и активностите по референдумот ќе зависат од резултатите, односно исходот од изјаснувањето на граѓаните.
Comments are closed for this post.