Додека Заев и Владата не убедуваат дека економијата е стабилна, анализите на меѓународните организации го покажуваат токму спротивното. Резултатите од Анкетата на домашните компании покажува дека над 40 000 работници во земјава ќе останат без работа, а 70 % од компаниите нема да ја издржат кризата, доколку продолжи корона кризата во наредниот период. Претседателот на Организацијата на работодавачи Ангел Димитров за порталот „Република“ изјави дека анкетата е правена заедно со Меѓународната организација на трудот со македонски и странски експерти.
„Загрижувачки се одговорите на прашањето што ќе се случи доколку кризата продолжи , дали компаниите ќе го издржат притисокот доколку овој проблем со корона вирусот продолжи и во третиот квартал, јули, август и септември. Над 70 % од компаниите кажале дека нема да можат да издржат ако кризата продолжи и во септември.. 40 илјади работни места се загрозени, тоа значи дека бројот на невработени лица во Македонија би се зголемил за 5% . Владата предвиде помош за април и за мај, но гледаме дека и јуни е проблематичен , во некои сектори по една или две недели не се работи, во некои фабрики се појави и коронавирусот па беа затворени за работа и тоа е големиот ризик. Ако во текот на јули се среди ситуацијата да се надеваме дека бројот на работниците што ке напуштат ќе биде помал“, изјави Димитров за „Република“.
Истражувањето е направено во девет сектори, освен текстилниот, вкучени се преработувачкиот сектор, малопродажба, транспорт, производство на прехранбени производи. Според Димитров најзагозени, односно со најголеми проблеми се соочуваат микро и малите претпријатија. Затоа од Организацијата на работодавачи бараат, Владата да продолжи со мерките за стопанството.
„Да продолжат мерките ако продолжи кризата , тоа е барање на компаниите , додека трае кризата треба да трае и поддршката за да нема умирање на компании и намалување на бројот на вработени“, вели Димитров.
Според него, државата треба да ја искористи еврообврзницата за помош на стопанството, а не за враќање на стари долгови.
„Сметаме дека огромен дел од еврообврзницата ќе отиде за враќање на стари долгови , додека за помош на стопанството ќе остане многу мал дел. Значи треба да направиме добра анализа, дали ако треба поголемо задолжување кое се разбира дека сите ќе го враќаме со зголемени даноци , но ако останеме живи , ако не останеме живи тогаш уште полошо ќе биде, ќе нема да може да ги враќаме ниту оние кредити кои досега сме ги земале,тоа е факт“, потенцира Димитров.
Во однос на досегашните владини мерки вели дека имаше голем опсег, но износот на средства не е доволен.
Дека Македонија издвојува најмалку од своето БДП за помош на компаниите од земјите од регионот покажа и неодамнешната анализа на Националната алијанска за локален економски развој. Податоците наведуваат дека најголем пакет за економска поддршка дава Србија, која изнесува високи 11 проценти од бруто-домашниот производ. По неа се Бугарија со 9,9 проценти од БДП и Грција со 5 проценти. Хрватска и Босна се со приближно исти одвојувања, нешто повеќе од 3 проценти од БДП. Според анализата, Албанија издвоила 1,3 процент, додека последна на листата е Македонија, со поддршка од 1,2 процент.
Негативните прогнози за пад на економскиот раст на земјава веќе беа испорачани и од домашните и од меѓународните финансиски институции. Светска Банка во својот последен извештај напиша дека стапката на сиромаштија ќе порасне и дека над 130 000 граѓани од Македонија би западнале во сиромаштија.
Лоши беа и кварталните извештаи за извозот и растот на БДП. Економијата во првите три месеци од годинава е на работ на негатива. Државниот завод за статистика објави дека Бруто домашниот производ од јануари до март е на ниво од 0,2 отсто во споредба со истиот период лани.
Извозот од земјава во првите четири месеци од годинава бележи пад од 23,8 отсто во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика, главно како резултат на неработењето на странските компани кои во голем дел учествуваа во растот на извозот. Објавените податоци покажуваат и пад на увозот за 19 отсто.
Comments are closed for this post.