По релативно солидниот раст на економијата во 2019 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на оваа година упатуваат на продолжување на растот, но со забавено темпо, соопшти денеска Народната банка.

И покрај поволните движења во првите два месеца од годината, укажува централната банка, првите ефекти од корона-кризата се забележуваат во март, а се видливи преку падот на активноста во индустријата и трговијата. Во градежништвото, и во текот на вториот месец од годината е регистриран висок раст на активноста.

Макроекономските показатели се анализирани на вчерашната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на која е заклучено дека надворешните и домашните ризици за економијата и натаму се присутни.

Во актуелните околности, при стабилизирање на показателите коишто се релевантни за монетарната политика, постои простор за натамошно монетарно релаксирање, во функција на поддршка на економијата, заклучил Комитетот на вчерашната седница.

Народната банка информира дека просечната годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци од годината изнесува 0,4 проценти, при очекувања за стапка на инфлацијата од околу 0 проценти за оваа година и урамнотежени ризици околу проекцијата.

Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, со остварувања во согласност со очекувањата. Во однос на расположливите информации за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена заклучно со март оваа година упатуваат на проширување на трговскиот дефицит на годишна основа во првиот квартал – движења коишто се вградени во објавените најнови проекции на Народната банка. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на април укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекуваните за вториот квартал од оваа година, иако периодот за поконкретна оцена е многу краток.

Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за април покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа, иако со поумерена динамика, согласно со очекуваната патека во рамки на проекциите.

– Показателите за домашните финансиски пазари посочуваат на постепено стабилизирање на движењата на девизниот пазар, при забележано нормализирање на очекувањата на физичките лица. Имено, од крајот на април наваму се забележува постојано намалување на побарувачката на девизи од физичките лица, којашто постепено се враќа кон вообичаеното ниво пред отпочнување на корона-кризата. Во такви околности, Народната банка во втората половина на април, повремено интервенираше на девизниот пазар со продажба на вкупно 28 милиони евра. Од почетокот на мај, централната банка нема интервенирано на девизниот пазар, стои во информацијата за одлуките од седницата на Комитетот.

Во однос на надворешното окружување, мерките со привремено запирање на активноста во одредени економски дејности кај земјите ширум светот резултираа со значителен пад на економската активност на глобално ниво, видлив преку показателите за БДП за првото тримесечје од годината и други високофреквентни показатели. Во такви околности, во април, носителите на монетарните и фискалните политики на развиените земји и на земјите во развој продолжија да обезбедуваат соодветна поддршка за домашните економии. Ваквите случувања, појаснува Народната банка, влијаеја за стабилизирање на очекувањата на инвеститорите на меѓународните финансиски пазари и соодветно за намалена променливост на цените на финансиските инструменти.

На седницата на КОМП беше донесен и нов пакет монетарни мерки со кои е намалена основната каматнана 1,5 проценти и е проширен е и опфатот на инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем.