Шансите дали ќе се донесе или не законот за јавно обвинителство зависи од вистинската волја на ВМРО-ДПМНЕ, да ги стави интересите за евроинтеграција пред интересите на одредени нивни партски членови за кои се водат постапки сега од редовното обвинителство, а беа почнати од Специјалното јавно обвинителство.
Ова го изјави министерката за правда Рената Дескоска пред промоција на иницијативата „Отворено судство“ која е дел од програмата „Подобрување на транспарентноста, правната сигурност и ефикасноста на судството во Северна Македонија” денеска во Скопје.
На новинарско прашање дали има опција законот да се донесе без ВМРО-ДПМНЕ, министерката Дескоска рече дека и тоа не е исклучено.
-За законот очекувам поддршка од сите пратеници и добро би било сите кои се декларираат за евроинтегравција на нашата држава да го поддржат законот, така што оти и таа опција не е исклучена, рече Дескоска.
Ние влегуваме, како кажа министерката, со искрена и добра волја да се донесе тој закон и целиот период истакнувавме и држиме до тој став дека законот што ќе се донесе треба да ги имплементира меѓународните стандарди и да не овозможи амнестија на било какво кривично дело кое што се гони во моментот или е во фаза на истрага или пред истрга.
-Она што го слушам како најави од страна на ВМРО – ДПМНЕ за одредени забелешки, ако се остане навистина на тоа што е, може да дојдеме до договор. Но, јас не можам да прејудицирам сè додека не ги видиме написмено нивните ставови и забелешки, бидејќи често пати она што декларативно го кажуваат и она што ќе го напишат како конкретен амандман се разликува и честопати во тие амандмани се кријат одредени задни намери особено за случаите на СЈО, нагласи Дескоска.
Според неа, евентуално нивните намери во тој дел би се движеле околу предметите на Јавното обвинителство и основите за разрешување на обвинителите.
-Она што мислам е или лошо читање или намерен спин во однос на законот, а тоа како што читам во медиумите дека наводно се вдомувале обвинители од СЈО во Обвинителството за организиран криминал е апсолутно неточно. Секој којшто ќе го прочита законот ќе види дека практично законот предвидува проширување на бројот на обвинители во Обвинителството за организиран криминал, за којшто број потоа ќе се распише конкурс и секој обвинител којшто исполнува услови ќе може да конкурира, значи не значи тоа апсолутен трансфер на обвинителите од СЈО, вели Дескоска.
Целта на овој предлог, како што нагласи министерката за правда, беше и е да се создаде капацитетно обвинителство за организиран криминал што ќе ги има сите предуслови вклучувајќи ги човечките капацитети да ги преземе зголемените надлежности кои ги има според овој закон.
На прашање за нова средба на работните групи, Дескоска одговори дека согласно вчерашниот договор денеска ги очекуваат амандманите на ВМРО-ДПМНЕ и штом ги добијат веднаш ќе закажат средба со работните групи.
-Законот предвидува критериуми кој може да биде обвинител и кој ги бира обвинителите, а тоа е Совет на јавни обвинители. Така што во тој дел ниту законот каков што го имаме предложено прејудицира, нуту можеме да дозволиме со амандмани било кој политичар да се меша во изборот на обвинители, рече Дескоска и додаде дека договорот за законот треба да се донесе што е можно побрзо за да се донесе до распуштање на Собранието, односно до 11 февруари
Comments are closed for this post.