Заменикот-помошник државен секретар на САД Метју Палмер изјави дека за косовското прашање „не постојат бланко чекови ниту црвени линии”, но и дека договорот меѓу Белград и Приштина треба што е можно поскоро да се постигне.
Она што ние би сакале да се постигне е целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, а тоа е сложен предизвик, изјави Палмер за РТС.
Според Палмер, секој договор би требало да има „безбедносен аспект, политичка и економска компонента и по нешто за имотот на Српската православна црква во Косово, и за Газивода и за Трепча”.
Значи, тоа би бил сложен договор, а нам ни е само важно да тој да се постигне, да биде траен и применлив. Ние сме подготвени да го слушнеме секој договор што двете страни ќе го постигнат, а кој ги исполнува овие услови, рече официјалниот претставник на Стејт департментот.
Запрашан за идејата за можната размена на територија, Палмер рече дека „тој нема да навлегува во детали”, бидејќи досега не е претсавен ниту еден предлог за договорот.
Наша позиција е дека не постојат црвени линии и дека нема бланко чекови. Би сакале двете страни да постигнат најдобар можен договор. Ние ќе го разгледаме тоа што ќе ни го донесат, а со што се согласуваат двете заедници и сите што го сметаат за добро решение, и ќе размислиме добро и ако имаме некои забелешки за одредени детали, ние јасно ќе ги изнесеме, рече Палмер.
На прашањето дали договорот за нормализирање на односите ќе значи српско признавање на Косово, Палмер рече дека САД не се „преговарачка страна”.
Ние не сме тие кои преговараат. Ние сакаме на преговарачите да им дадеме простор за постигнување резултат кој може да се опише како целосна нормализација на односите. Јас сега не би го дефинирал однапред како тоа изгледа, би сакале преговарачите сами да дојдат до тоа, но јасно е дека од двете страни ќе се бара да преземат некои крупни и политички тешки работи, за да постигнат таков исход, рече Палмер.
Заменикот-помошник државен секретар на САД на Белградскиот безбедносен форум, говорејќи за состојбата во регионот рече дека Вашингтон ги повикува Белград и Приштина да ја видат „историската можност” и да постигнат договор за „двете страни да бидат победници”.
Comments are closed for this post.