„Баклавата е изедена, тепсијата стоо…“. Вака неодамна премиерот во заминување Зоран Заев, со типична струмичка досетка или метафора, се едно, се обиде да му испрати некаква порака на претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека власта не заборавила на 11-годишното владеење на неговата партија.
И таа струмичка досетка сега добива друга димензија, откако беа обелоденети сумите, кои поранешните специјални јавни обвинители ги добивале како плата, надомест на плата, кирии или патни трошоци. Уште повеќе, само за апетисани за период од 26 месеци од 2017 до 2019 година биле дадени 50.000 евра или дневно без малку по 87 евра!, анализира „Лидер“
Па така, станува актуелна друга форма на досетката на премиерот во заминување:„Бадемите се изедеа, „мерцедесот“ стоо…“.
Да, нежните стомачиња на поранешните специјални обвинители и нивното убаво друштво ги изеле апетисаните, ама „мерцедесот“ или тоа на „м“ остана. И се користи за официјални странски гости и делегации, а којзнае, можеби и премиерот во заминување се вози во него. А, да, и се уште служи како предмет во истрага. Зашто, во спротивно досега требаше да биде продаден, согласно предизборните ветувања на актуелната власт.
Е, за тој “мерцедес“ во вредност од 600.000 евра, или предметот со кодното име „Тенк“, поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на две години затвор, по што си најде чаре во Будимпшта.
Ако споредбата некому му изгледа нелогична, нека не се тревожи. Зашто, не станува збор за вредноста на апетисаните и вредноста на „мерцедесот“. Туку, за обидот на екс-специјалната обвинителка Фатиме Фетаи да ги релативизира работите и да протне, наводно, законско добивање на надоместоците и конечно, вината за се да ја префрли на Катица Јанева, зашто самата таа ја одредувала нивната висина.
Но, Фатиме, чудно, и како обвинител, и како правник, и како човек заборава на нешто што се вика морал и етика, а уште повеќе на почитување на законски одредби, според кои надоместокот на нивните плати не смеел да биде поголем од 30% од платата што ја добивале, без годините на стаж.
И за покомплетна слика се прави една наједноставна математика. Катица Јанева, Фатиме Фетаи, Лиле Стефанова и Гаврил Бубевски, значи сите заедно, по сите основи-плата, надоместоци, кирии, патарини…земале вкупно 1.180.000 евра! Или, со зборови, еден милион и стоосумдест илијади евра.
А, тие 1.180.000 евра се повеќе од вкупниот износ со кој се набавени тоа на „м“ или „мерцедесот“ на Грујо, и 300 полициски „шкоди“ од предметот со кодното има „Триста“, што е 1.055.ооо евра. Или со зборови, еден милион и педесетипет илјади евра.
Арно, ама, бадемите се изедеа, „мерцедесот“ и „шкодите“ стоо…
Во предметот „Триста“, Ѓоко Поповски е осуден на 9 години затвор. Од набавката на „шкодите“ специјалните обвинители не утврдија дека човекот за себе земал макар и еден, единствен денар! А, треба да лежи в затвор и згора да ги враќа парите за кои се купени полициските возила.
И сега, има или нема правда или има или нема мир!? Macedonia Timeless.
Comments are closed for this post.