Трговската соработка меѓу Северна Македонија и Холандија изминатите неколку години има континуиран раст. Тоа го покажуваат податоците според кои, само во 2018 година трговската размена меѓу двете земји бележи раст од 28,8 отсто, при што извозот е зголемен за 23,5 проценти, а увозот за 32,9 отсто. Во првите девет месеци годинава трговската размена е зголемена за 25,2 проценти.
Ова, како што соопшти Министерството за економија, го истакнал министерот за економија Крешник Бектеши на денешната средба со новоименуваниот амбасадор на Холандија во земјава, Дирк Јан Коп.
– Имаме одлична соработка со Кралството Холандија и убеден сум дека оваа соработка ќе продолжи. Од економски аспект направивме многу реформи во нашата земја, пособено во последните две години. Направивме реформи во полето на владеење на правото, со носење на закони усогласени со европската регулатива, го донесовме Законот за енергетика, кој во целост е усогласен со европското законодавство, а во фаза на донесување е и Законот за енергетска ефикасност. Го донесовме Планот за економски раст со кој се изедначуваат домашните и странските инвеститори, што дава силна поддршка за раст и развој на домашниот бизнис и поддржува технолошки развој и воведување на иновации за повисока конкурентност на македонското стопанство. Со Буџетот за следната година се фокусираме на човечкиот капитал за подобрување на продуктивноста на работниците, рече министерот Бектеши.
На средбата министерот и амбасадорот разговарале за реформите што ги спроведува Министерството во насока на зголемување на економскиот раст, привлекување на инвеститори и подобрување на бизнис климата во земјата.
Министерот се заблагодарил за холандската поддршка во процесот на стекнување на полноправно членство во НАТО, односно ратификацијата на протоколот за Северна Македонија и за заложбите на Холандија за почеток на преговори за членство во Европската унија, иако минатиот месец земјата не доби датум за почеток на преговорите.
– Стабилноста на земјата е особено важен предуслов за побрз и одржлив економски развој. Полноправното членство во НАТО и започнување на преговори за членство со Европската Унија за граѓаните ќе значи дека ЕУ ги препознава реформите кои ги спороведуваме и дека сме на вистинскиот пат, истакна Бектеши.
Амбасадорот Коп и министерот Бектеши разговарале за предизвиците во пазарот на работна сила, особено за проблемите на странските и домашните компании за наоѓање соодветна стручна работна сила. Во тој контекст, како што соопшти Министерството, стручното образование и миграцијата остануваат предизвици за наредниот период.
Амбасадорот потврдил дека Северна Македонија станува посакувана туристичка дестинација за Холанѓаните, при што само минатата година над 35.000 туристи од Холандија ја посетиле земјава, а двајцата соговорници изразиле подготвеност за продлабочување на соработката меѓу двете земји, не само на полето на туризмот, туку во сите области за кои постои взаемен интерес.
Comments are closed for this post.