Едно младо лице е пренесено во болница поради проблеми со дишењето по вдишување солзавец за  време на инциденти во дворот на Економскиот факултет во центарот на Атина, во кои група млади лица ја нападнаа полицијата со дрва, камења и разни предмети, а специјалците одговорија со шок бомби и солзавец.

Инцидентите доаѓаат по вчерашната акција на грчката полиција во просториите на факултетот, што беа под опсада, а Деканатот преку соопштение извести дека Факултетот од денеска до 17 ноември 2019 ќе биде затворен.


Грчката полиција соопшти дека акцијата била во рамки на истрагата спроведена во простори што биле под опсада и се користеле како „бази“ за напади кон полицајците, но и како места што служат за подготовка и складирање на предмети и механизми што се употребуваат во нападите.

При упадот во трите простории што биле под опсада, грчката полиција пронашла празни стаклени шишиња, шлемови, маски за лице, стапови, апарати за гасење пожар, камења и делови од мермер што се користат за напади кон полицијата.